
Протестираат и сточарите од Источниот регион – несфатливо е државата да се соочува со “вишок“ на домашно сурово млеко
Поради сето ова, верното гласачко тело, како што досега нè ословуваа нас фармерите, со овие притисоци сега е сериозно ставено во прашање, пишуваат сточарите..
На ден 30 јуни 2026 година, сточарите и одгледувачите на говеда од Источниот регион се собравме на мирен и достоинствен протест пред просториите на Подрачната канцеларија на МЗШВ во Делчево. Целта на овој собир е јавно да го изразиме нашиот револт од моменталните пазарни нарушувања и конструктивно да ги доставиме нашите итни барања до надлежните институции во Скопје.
Целосно е несфатливо за нашата држава да се соочува со наводен вишок на домашно сурово млеко и прекин на откупот од страна на одредени млекарници, во услови кога домашното производство задоволува едвај 60% од вкупните потреби на македонскиот пазар. Проблемот не е во фармерите, туку во неконтролираниот увоз на пастеризирано млеко и млеко во прав од Србија, што создава нелојална конкуренција и директно ги притиска преработувачите кои работат со вистинско домашно фармерско млеко.
Како резултат на пасивноста на институциите, претрпена е огромна трикратна штета: оштетена е државата преку намалување на БДП на сметка на увозот;
оштетени се потрошувачите бидејќи јадат производи со растителни масти без соодветна декларација ;
и на крајот, оштетени се домашните фармери.
Наместо заштита, сточарите се соочуваат со неосновани закани со тужби за протестите и брутално кратење на откупните цени за цели 30%, со што се принудуваат да го стопираат производството и да ги празнат шталите.
Поради сето ова, верното гласачко тело, како што досега нè условуваа нас фармерите, со овие притисоци сега е сериозно ставено во прашање.
Поради овие причини, од МЗШВ и АХВ ги бараме следните ИТНИ И КОНСТРУКТИВНИ МЕРКИ:
- Итна и неодложна исплата на заостанатите субвенции во секторот говедарство и млекопроизводство кои во моментов каснат цели 16 месеци. Доколку редовниот буџет нема средства, бараме активирање на парите од Интервентниот фонд за да се спречи ликвидацијата на фармите.
- Итно воведување на ригорозна контрола на производствениот процес во млекарниците од страна на АХВ. Инспекцијата мора да утврди што точно влегува во цистерните (увозно млеко во прав или палмини масти), а што се пакува и продава на рафтовите под името „традиционален македонски произвoд“.
- Итна и доследна контрола врз декларациите со цел заштита на потрошувачите во согласност со Законот за квалитет на земјоделските производи [diz.gov.mk]. Секој производ кој содржи увозна суровина мора јасно да го содржи потеклото на предната страна на амбалажата.
- Активирање на позитивниот модел од секторот за свинско месо. Бараме МЗШВ и Министерството за економија преку соодветни итни правилници да го заштитат домашното пазарно производство на млеко, исто како што успешно беше заштитен пазарот на свежо свинско месо каде Македонија денес целосно ги задоволува сопствените потреби.
- Прекин на притисоците, заканите и уцените од страна на млекарниците кои преку селективно менување на цените се обидуваат да ги разединат фармерите на терен.
Бараме раководителот на Подрачното одделение во Делчево уште денес, по службен пат, да го препрати овој документ до Кабинетот на Министерот во Скопје. Нашето здружение Симентал е подготвено за конструктивен дијалог и нуди конкретни решенија, но доколку во рок од 48 часа институциите останат индиферентни, ќе бидеме принудени нашите барања да ги браниме преку масовни соочувања и блокади на клучните патни сообраќајници низ целата држава.
Со почит,
За Здружение „Симентал“ Делчево





