вестиЕкологијаТоп вести

Птиците се уште ги бараат пресушените води на Црнско Блато

Некогашното Црнско Блато се протегало помеѓу селата Рибарци, Гнеотино, Логоварди, Новаци, Оптичари како и некогашното село Долно Егри. Жителите паметат дека блатото било богато со риби, а тие често го крстосувале со кајаци.

Во плодната Пелагонија пред децении наназад постоело Пелагониското Блато, а дел од него било и Црнското Блато. Ова блато се формирало со пролетното и есенското излевање на надојдените води од Црна Река и нејзиното сливно подрачје. Селата кои гравитираат кон ова блато живееле на подруг начин од денешниот, којшто полека преминал во заборав. Многу од жителите на овие села својата егзистенција ја обезбедувале со производи од блатото, како што е трската и шамакот. Трската се берела со мала коса, чии примероци се уште може да се најдат во селските шупи и остави во Рибарци. Со нејзино плетење, месните жители изработувале т.н. петаври кои се користеле како градежен материјал. Тие биле редовно купувани од трговци од бивша Југославија, пред сѐ од Јагодина и Апатин. Од шамакот се изработувале рогузини и зимбили. Поради ова  жителите од овие предели биле викани „трскари“, други пак „шамакари“.

-Блатото се протегаше помеѓу селата Рибарци, Гнеотино, Логоварди, Новаци, Оптичари како и некогашното село Долно Егри. Доколку  сакав да одам од Рибарци за Оптичари или Долно Егри ќе морав да земам кајак. Блатото беше многу богато со риба: крап, лињак, скобал, карас и сом. Иако поретко, во водите на блатото можеше да се сретне и јагула. Се присетувам како да беше вчера кога мој соселанец со пезиоло улови крап од 12 килограми. Покрај богатиот рибен фонд, блатото изобилуваше и со голем број видови на птици. Најчести и највпечатливи беа дивите пајки и гуски. Покрај нив имаше и лишки, бари, пискули, чапји и многу други видови на барски птици. Нивното изобилство беше причина за присуство на голем број на ловци. Кога отидов на отслужување на воениот рок во 1956 година, блатото се уште постоеше, но кога се вратив по двегодишно отсуство во 1958 година, тоа повеќе го немаше, ова со доза на носталгичност ни го раскажува Благоја Наумовски (84) од селото Рибарци.

Тогашните државни раководители, со цел да добијат што повеќе хектари обработливо земјиште, донеле одлука да се изврши одводнување на овој дел на Пелагонија. Пресушувањето се извршило со регулација и продлабочување на коритото на Црна Река, при што водите од блатото неповратно исчезнале преку Скочивирската Клисура.

Денес во непосредна близина на селото Рибарци, се наоѓа водна површина во вид на мало езерце. Тоа настанало со ископување на глинена земја за производство на плитари. Овде можат да се сретнат некои барски птици кои некогаш биле присутни во поранешното блато. Денес блатото е пресушено, но јатата птици кои тука прелетуваат, сведочат за неговото некогашно постоење. Според некои научни авторитети, исчезнатите водни површини се длабоко врежани во нивниот генетски код, па денешните птици следејќи го повикот на нивните предци, се уште ги бараат пресушените води.

Денес скоро сите мочуришта и блата  се строго заштитени во светот. Овие водни површини не се гледаат само како извор на маларија и други болести, туку како места со клучна положба во животната околина. Мочуриштата претставуваат регулатори на климата, а биолошката разновидност која ја поседуваат не треба ни да се споменува. Според научни експерти од САД корисноста од мочуриштата е три пати поголема од онаа на обработливите земјоделски површини. Земајќи го во предвид ова, требаше да се изврши компромис во кој што Црнско Блато би се зачувало барем на одредена површина.

Ова блато повеќе не постои, но постои остаток од некогашното пространо Пелагониско Блато во месноста Локви на површина од околу 10 хектари. Овој локалитет  се наоѓа во близина на селото Големо Коњари, Прилепско. Просторот е заштитен како природна реткост, за што најмногу придонесе откривањето на ендемско вилинско ракче (Chirocefalus pelagonikus).

Текст и фотографија: Игор Петровски

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close