Работилница за намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени
Работилница на тема „Намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени“ ќе се одржи денеска и утре во Маврово во организација на Огранизацијата за земјоделство и храна при Обединетите нации (ФАО).
На работилницата ќе се обратат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, странски експерти од мисијата на ФАО, како и професори од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Почнувајќи од 2015 година, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија вопостави партнерство со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, со цел институционално интегрирање на мерки за климатски промени во Македонија.
Еден од проектите во рамки на кој се спроведуваат активности во оваа насока е проектот „Намалување на ранливоста на земјоделството кон климатски промени“ кој завршува во декември 2017 година.
Проектот има за цел да воспостави подобро разбирање на постоечката структура на МЗШВ и да предложи мерки за долгорочно институционално интегрирање на климатските промени на МЗШВ, како и да обезбеди поддршка за формирање на интер-институционална платформа која би го олеснила координирањето на национално ниво./МИА