
Расте гневот кај сточарите: Кој ги изброја погрешно јагнињата? – Сточарите, кланичарите или власта?
Платежната агенција бара начин да ги исплати субвенциите на сточарите, барем зa оние кои не успеале да предадат уште по некое јагне
Кој ги изброја погрешно јагнињата – сточарите, кланичарите или власта? Ова е главното прашање што го поставуваат сточарите откако голем дел од нив во понеделникот заради непредадени едно или пет јагниња не ги зедоа субвенциите за 2024 година, доисплата по 1.400 денари за грло овца. Вкупно за грло овца сточарите требаше да земат 3.000 денари, но останаа без пари.
По големиот револт на сточарите, Платежната агенција бара начин да ги исплати субвенциите на сточарите, барем za оние кои не успеале да предадат уште по некое јагне и да го исполнат условот во кланица да предадат 50 проценти од јагнињата пропорционално на бројот на овци.
Сточарот Александар Пилкоски останал без субвенции за непредадени три јагниња.
„Условот не се исполнил за три јагниња предадени во кланица и нема субвенции за овците? Има некакво решение за оваа жалба за да си ги добиеме субвенциите или сега сѐ е залудно“, прашува сточарот.
На ова директорката на Платежната агенција, Даниела Иротова, одговара дека се бара начин за надминување на проблемот.
„Многу голема е групата на сточари кои се отфлени и за едно јагне, денеска (четврток) имаме состанок со здруженија на одгледувачи на овци, бараме решение барем за тие што разликата не е повеќе од 20 отсто да најдеме начин како да помогнеме“, возврати Иротова.
Ако лани во декември по – мерката 2.8 Директни плаќања за обележани женски грла овци постари од 12 месеци, субвенции од 600 денари по грло зедоа 2.058 корисници, една година подоцна за истата мерка доплата од 1.400 денари зедоа само 1. Тоа значи дека 847 сточари не зеле пари.
Значи ако еден сточар имал 100 овци, во кланица требало да предаде 50 јагниња. Но, не е проблем само бројот на предадени јагниња во кланица.
Сточарот Ило Црнгаров од селото Куклеш, Стумичко, вели дека од 80 овци на кланица предал 85 јагниња, но субвенциите во понеделникот не му се исплатени оти требало и женско јагне да однесе во кланица.
„Како да однесам женско јагне во кланица кога мојата стока е од сортата Ассаф, расни и скапи јагниња. Како да го дадам јагнето во кланица кога едно јагне чини 200 до 250 евра и плус ги нема во Македонија. Кај мене по документ стои колку јагниња сум предал во кланица, а во Платежната агенција ги немаат тие документи. Како? Предадов и 30 тони млеко и пак немам субвенции. Зошто немам пари на сметка?“, прашува сточарот Црнгаров од Куклеш во разговор за „Зелена берза“.
Најголемите расправи се која власт е „виновна“ за условот во кланица да се испорачаат 50 отсто од јагнињата, пропорционално на бројот на овци.
На 25 јануари 2024 година за време на претходната власт водена од СДСМ, е донесена уредба според која земјоделските стопанства кои се корисници на подмерките 2.8 и 2.11 треба да имаат предадени или заклани во регистриран кланичен капацитет најмалку 50 проценти од бројот на декларираните грла во подмерката 2.8 каде висината на директните плаќања изнесува 1400 денари по грло.
На 6 февруари 2025 година кога веќе е на власт ВМРО-ДПМНЕ оваа уредба останува – корисниците во 2025 година треба да имаат предадени или заклани јагниња во регистриран кланичен капацитет најмалку 50 проценти од бројот на декларираните грла овци во барањето за финансиска поддршка од оваа подмерка и висината за директните плаќања изнесува 3.000 денари по грло.
Неколку месеци подоцна под притисок на одгледувачите на овци кои јавно се бунеа за овој услов, владата на ВМРО-ДПМНЕ на 30 мај носи нова уредба со која сточарите во кланица треба да однесат најмалку 30 проценти од бројот на декларираните грла овци во барањето за финансиска поддршка.
Накусо сумирано, до 2024 година условот беше 600 денари основна субвенција по грло овца плус 1.400 денари дополнителна со услов 50 проценти од јагнињата да се предадени во кланица, плус 1.000 денари субвенција за заклано јагне.
Во 2025 година 3.000 денари по грло овца и 30 проценти од јагнињата во кланица.
Бидејќи субвенциите сега се исплаќаат за 2024 година, значи законски важи условот 50 проценти од јагнињата да се испорачаат во кланица.
Директорката на Платежната агенција Даниела Иротова потврдува дека голема група на сточари не ги добија своите субвенции и смета дека тоа не е во ред, но наведува дека причната не е затоа што немаше пари, не затоа што не беа обработени решенијата, туку затоа што некој креирал мерка без да ги сослушне сточарите и да ја знае нивната мака.
Анета Блажевска




