вестиТоп вести

Реформи во земјоделството, висок квалитет во млекопроизводството за пласман на пазарот

Земјоделски реформи во производството на индустриски култури и промени во модернизацијата и повисок квалитет во млекопроизводството се главните аспирации на Министерството за земјоделство, на експертите и на проектите од ЕУ и УНДП во пресрет на членството во Европската Унија. Ново индустриско производство во регионите во Северна Македонија ќе го унапреди земјоделството, а зголемувањето на квалитетното млекопроизводство ќе обезбеди пласман во земјава и надвор од неа. Рокот е до крајот на идната година.

Кои се фактите?

На македонското земјоделство му се неопходни реформи и продуктивност во производството, констатираат од македонското Министерство за земјоделство и од ИПА-фондовите на Европската Унија од каде што се финансира продуктивноста во производството и пренаменување на површините со нови култури.

Од пет проекти во земјава, два се спроведуваат во Прилепско за унапредување на тутунското призводство, а од вкупно 40-те во земјава има пренамена за засадување нови култури. Сѐ е во рамките на реформите во македонското фармерско производство.

Виктор Наумоски, земјоделец од прилепско Крушеани, првпат насади растение стевија со органски шеќер за дијабетичари, а Стефан Велески од прилепско Беровци го унапредува тутунопроизводството. Прилепските фармери се обидуваат да бидат ефикасни и продуктивни во производството и да ги впрегнат реформите во македонското земјоделство.

– Имам околу еден декар со стевија, првпат годинава засадувам преку европските фондови. Очекуваме подобри примања и полесна работа со површините. За насадите со стевија се решивме поради пласманот и побарувачката на ова растение, од кое се добива органски шеќер за дијабетичари. Очекувам добар принос за потоа од Северна Македонија да се извезе во странство. Ова е опитен насад, би требало да се добри приносите, зашто поднебјето е добро, иако на ниски температури не успева. Очекуваме резултати. Ако е успешно, ќе го прошириме производството. Инаку, садам тутун, пченка, градинарски култури, објаснува земјоделецот Виктор Наумоски од прилепско Крушеани.

Се унапредуваат површините со тутун преку примена на агромерки и нови пристапи, нагласува професорот Мирослав Димитриески. Тој стручно ги надгледува површините, експериметални, со тутун во прилепското село Беровци со примената на современи агромерки.

– Суштината е да се следи состојбата со тутунопроизводството, да се примени оптимална агротехника и да се произведе квалитетна тутунска суровина. Односно, да се третира кога ќе има потреба, а не предвремено. Во овој пилот-проект досега не се појавила никаква болест кај тутунското растение, објаснува професорот Мирослав Димитриески, експерт за тутунопроизводство.

Со еден милион евра од ИПА-фондовите, Европската Унија финансира проект за реформи во земјоделското производство, особено во внесување нови култури и за унапредување на тутунопроизводството.

Костас Супилас од делегацијата на ЕУ нагласува дека ЕУ поддржува повеќе проекти во земјоделскиот сектор.

– Примената на нови техники и земјоделски култури е проект од ИПА-фондовите. Ние ги поддржуваме реформите во тутунскиот сектор. Овој проект е од еден милион евра. Ова е дел од повеќето проекти што ги финансираме, вели Супилас.

Димитар Ванев, тим-лидер на проектот за реформи во тутунскиот сектор и за заеднички земјоделски политики во земјава, смета дека реформите во земјоделството се долг и тежок процес.

– Преименувањето на културите е мошне тежок и сложен процес. Направивме теренска анализа на проектот и преку 40 пилот-проекти. Користевме повеќе диверзификации. Во пилот-проектите ги вклучивме растенијата стевија, афион, опиумот, ароматичните растенија. По целосните анализи што ќе ги завршиме на сите пилот-проекти ќе направиме анализа на придобивките и на слабите страни и ќе ги одбереме најдобрите можности. Што се однесува до подобрувањето на ефикасноста на одгледувањето тутун, имаме десет фарми што се насочени кон контролирано производство на тутун, попознато како интегрирано производство. Со намалувањето на трошоците, се добива поголемо производство. Работиме и со опитни фарми за нови сушарници за тутун, а она што е ново во светот и е интересно е опит со флоутинг-треј систем. Тоа во превод се поврзува со „летачки чинии“. Имено, тутунот се сади во специјална течност и се добива поголем квалитет од тутунот што се сади на традиционален начин, објаснува Ванев.

Габриел Тренсадо, директор на шпанските земјоделски задруги, е дојден во Северна Македонија за советодавни услуги и вели дека заедништвото е битно за фармерите.

– Мојата улога е да ја советувам Владата да изгради стратегија за усогласување со европската легислатива за ситуацијата со земјоделците да се реши на солидно ниво. Односно, да им се даде знаење и да се подигне свеста кај земјоделците за реформите што ќе се спроведат и да им се овозможи полесно и поефикасно да се организираат за да ја спроведуваат својата работа на соодветен начин. Моите совети се фармерите да се држат заедно за да бидат поефикасни и попродуктивни на пазарот и да бидат деловни луѓе кои заеднички ќе ги спроведуваат активностите, смета Тренсадо, пишува МИА а Сител објавува. Целиот текст може да се прочита на следниот линк.

Извор: Сител

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close