Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаМеханизацијаРурален туризамТоп вести

Режановце, земјоделско село богато со вековна традиција

Поголем дел од младите земјоделци се колебаат дали да се откажат од обработката на почвата, откупната цена на пченката и јачменот веќе десетина години не се покачува, а тие мораат да инвестираат во нова механизација, бидејќи наследените машини веќе им се дотраени.

Црква изградена уште од римско време, лековити кладенци, етно-музеј со над повеќе од илјада народни носии од цела држава, рибник, воденица стара повеќе од еден век која меле брашно дури и ден-денес. Кумановското село Режановце е вистинското место за љубителите на традицијата.

На само пет километри од градот, во северозападниот дел, откако ќе ја поминете населбата Бедиње, од десна страна ќе ве пречека табла со ознака за селото, којашто ве упатува да скршнете десно. Селаните велат дека најчесто посетителите без разлика кого и да бараат, мистериозно, завршуваат на сред село кај што се наоѓа црквата „Св.Јован Опсечен“. Истото се случи и со нас.  Ако сакате да дознаете за црквата, ни рекоа селаните, побарајте го камбанарот Душан Николовски. Душан не го најдовме во црквата, но ни ги отвори вратите од својот топол дом.

-Ако прашувате за изградбата на црквата, тогаш сте на вистинското место. Уште кога бев мал во селото се расчу глас дека на некоја баба Совија ѝ се прикажал Свети Јован кој ѝ рекол дека црквата во селото Режановце мора да се подигне нагоре доколку селаните сакаат да им напредува селото. Црквата била изградена уште од римско време, но под земја, а во турско време не се дозволувало таа да се подигне над земјата. Тогаш селаните се собраа, дадоа секој кој колку има пари и на 13 јули 1944 година, започна да се гради црквата во нашето село. Јас тогаш имав десет години и како сега пред очите да ја гледам таа слика кога се правеше кубето. Паметам како му ги ставав на татко ми тулите на лопатата, а тој ги фрлаше на мајсторот на скелето. Тие години беа направени и кладенците, а во 80-тите години дојде и Златко Давитковски кој ги нацрта фреските и направи музеј во селото, ни раскажа осумдесет и седум годишниот дедо Душан, кој оваа година за последен пат го чукнал ѕвоното за празникот „Св.Архангел“ и потоа се повлекол, поради неговата здравствена состојба.

Режановце големо и живо село

Селото брои околу 850 жители и 195 куќи. Има едно училиште во кое настава посетуваат деца од прво до деветто одделение. Во минатото воглавно селаните се занимавале со земјоделство и сточарство. Речиси во сечиј двор можело да се забележи добиток. На површина од 750 хектари обработливо земјиште, некогаш во ова село, за коешто селаните велат дека „лежи на вода“ не можело да се најде ниту една педа необработена почва. Денес се обработуваат едвај околу 100 хектари.

-Во минатото немаше ниту еден квадрат необработено земјиште, а сега околу сто хектари. Повеќе е ‘давачка’ отколку заработувачка. Немаме откупни центри, немаме никаква егзистенција од земјоделие. Режановце е и најпрочуено село во нашата држава по најквалитетен праз, а моментално производството е многу слабо. Кога бевме заедничка република, најмногу извезувавме за Србија, односно во Сурдулица каде имаше сушара и се правеше зачин. Пред 15-тина години и сега цената е иста-10 денари, но сега цената на ѓубрето, горивото и сите други материјали се покачи. Еве го одговорот на вашето прашање, зошто е намалено производството на праз, вели Зоран Крстевски, претседателот на месната заедница во селото Режановце.

Крстевски се сеќава дека во минатото работата со земјоделието се пренесувала од колено на колено, но денес состојбата е сосема поинаква. Поголем дел од младите земјоделци се колебаат дали да се откажат од обработката на почвата, откупната цена на пченката и јачменот веќе десетина години не се покачува, а тие мораат да инвестираат во нова механизација, бидејќи наследените машини веќе им се дотраени.

Бидејќи како и сите посетители во селото, и ние паднавме „во замката“ прво да ја посетиме црквата, па на враќање некаде на влезот од селото ја посетивме воденицата и рибникот. Во дворот не` пречека синот на сопственикот, дваесет и осум годишниот Никола Бошковски. Тој во моментот, како што ни објасни работи на имплементација на европски проекти преку ИПА програмите, но истраен е во намерата да ја зачува традицијата и примарната заработувачка на неговото семејство. Редовно помага на нивите, но и во воденицата и рибникот каде одгледуваат виножитна пастрмка. Сепак и тој вели дека откупните цени се далеку од задоволителни во споредба со квалитетот кој го нудат.

-Кај нас обработката на земјата се пренесува од колено на колено. Ние најмногу одгледуваме житарици од кои 80 отсто е јачмен, па овес, ‘рж и пченица. Дел од неа ја продаваме, дел ја користиме за наши потреби. Имаме и воденица која е купена во далечната 1920-та година, од мојот прадедо. Се обидуваме да бидеме доследни на традицијата, бидејќи оваа работа не  е секојдневна, но и мелењето на брашно во воденица си има свој квалитет. Луѓето се заинтересирани за мелење на брашно, посебно постарите луѓе кои се присетуваат на минатото кога на времето со нивните предци мелеле брашно. Што се однесува до откупната цена таа е иста со години, секако дека не сме задоволни, според квалитетот што го произведуваме треба да добиеме повисока откупна цена, посочува младиот земјоделец.

Но, во селото, овој млад земјоделец не беше единствениот млад човек кој сака да ја продолжи традицијата на неговото семејство. Откако го посетивме рибникот, се упативме кон малата фарма на семејството Славољубовски која се состои од околу 30-тина грла на свињи, крави и овци. И тука не` пречека нивниот син, 28 годишниот Мартин, кој по професија е фотограф и видеограф, кој вели дека мирот од бучавата го наоѓа помеѓу животните. Но, маките и кај нив се исти, откупната цена на месото и млекото останува иста со години.

-Во суштина нема причина зошто да сме задоволни со цената, има години кога донекаде е прифатлива, но тоа е краток период. Кога ќе се сумираат трошоците за храна, ветеринарски услуги, работата и сл. не излегува дека сме многу во плус. Но кога ќе помножиме со задоволството коешто го носи таа работа, а и консумирањето на  сто отсто домашна и еко храна излегува некоја скромна средина. Затоа и се трудиме ние да ја произведеме храната којашто им ја даваме на животните, додава Славољубовски.

На заминување, се свртевме за уште еднаш да ѝ погледнеме на традицијата во очи, а една постара жена ни довикна: „Не заборавајте да споменете и дека ние сме единственото село во државата со спортски аеродром „Аџи тепе“.

Фросина Марковска за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close