вестиЕкологијаТоп вести

Шарпланинските извори исчезнуваат, мора да се размислува на други извори за снабдување со вода

Над 30 % од изворите со чиста вода за пиење на Шар Планина се целосно пресушени, покажуваат резултатите од испитувањата на Центарот за јавно здравје. 

Загрижувачка е состојбата оваа година, затоа што лани во есенскиот период немаше врнежи , снегот речиси и го нема, а не се најавуваат и поголеми количини на дождови во периодов што следи.

Поради недоволните врнежи од дожд и снег имаат секнато повеќе извори на Шарпланинскиот масив. Сведоци за ваквата состојба се планинарските друштва кои велат дека голем дел од изворите каде полнеле и пиеле вода за време на планинарските тури се секнати.

-Па да, точна е информацијата дека секнуваат Шарпланинските извори, можеби големите извори кои и се познати на пошироката јавност се тука, но некои помали извори каде во сушниот период односно на лето немало вода, но секогаш имало вода не есен или пролет, сега таму нема фактички вода во текот на целата година. На пример, ние кога порано сме оделе на планинарење на Шар Планина не сме носеле вода, зошто сме знаеле дека што се вели народски на секое ќоше имало извор, а сега не е така, мора кога одиме на тие исти тури да носиме залихи со вода, рече Снежана Новаковска претседател на планинарскиот клуб Тетекс.

Во некои села од Шарпланинското подрачје поради недостаток на вода селаните се откажуваат од земјоделството а ги намалуваат и грлата добиток.

-Иако Шар Планина е планинско подрачје има добра земја и тука сме одгледувале компир и пченка најчесто. И кога имало сушен период, односно кога немало врнежи, ние сме земале вода од блиските извори, а сега кога има суша од тие извори од кои порано сме полнеле вода сега нема таму вода и нема како да ја наводнуваме земјата. Слична е состојбата со напасувањето на добитокот, порано пушти ја стоката на планина сама ќе се снајде за вода. Сега не е така, затоа и луѓето се откажуваат од земјоделство и сточарство, рече еден сточар од Шарпланинското село Селце.

Поради сушата лоша е состојбата со штедроста на изворите. Иако Тетово пред околу две години доби нов водовод, сега и од два водовода градот под Шара има 300 литри вода во секунда, што не е доволно за потребите на градот.

-Нема доволно вода лоша е состојбата, ако сега вода нема, не знам што ќе правиме во летниот период, се жалат тетовци.

Експертите сметаат дека мора да се одржуваат постоечките извори, кои често пати се пренасочуваат и голем дел од количината на вода се губи. Во меѓувреме, треба да се бараат нови алтернативни начини како да се снабдиме со вода за пиење.

-Мора да ја чуваме водата, треба да се мисли на повеќе алтернативи. На пример зошто да не се размислува за изградба на брани на пример, кога има доволно вода таа да не се пушта бадијала и да се чува на браната, а кога нема се пушта толку колку е потребно. Дека сега има климатски промени и дека сега дождови не паѓаат рамномерно, или ги нема или ги има наеднаш и кога ги има наеднаш може таа вода да се акумилира кај браните и да ја пуштаме за населението тогаш кога има потреба, односно кога имаме поголеми суши. Исто не мора само да мислиме како да ја донесеме водата од Шара, туку мора да размислиме и на други алтернативи , односно како да ги искористиме и подземните води, а во нашиот регион ги има многу, рече специјалистот по хигиена и здравствена екологија д-р Ратко Давидовски.

 

И луѓето кои работаат приватно претежно во вадење на подземни води за индивидуални домаќинства, велат дека полошкиот регион е богат со вода, но во последно време загрижува состојбата, затоа што подземните води се симнуваат се подоли во земјината кора.

-Шарпланинскиот регион е богат со вода, јас сум работел со бушење, односно современо копање на бунари. Богат е реонот со вода, но нивото на водата опаѓа по метар два се симнува водата, не се пишува добро, дека нашите шарпланински води одат во Маврово за езерото. На пример кога бушиме водата била на 8 метри , сега таа е на 12 метри. Вода има во нашиот регион многу кај Требош накај Желино, и таа вода треба да ја чуваме Дури во нашиот регион има и термални води. Еднаш ме повикаа на Бањиче да ги испитаме водите, се носеа геофони и имаше екипа од Скопје и имаше донација странска. Геолошки завод Скопје испитуваше пред повеќе од десет години. Реката Пена ја испитуваа и низ разговор ми кажаа дека тука на триста метри надолу има топла вода вода 100 степени што би можела да го грее Тетово.  На подрачјето се испита дека има вода. Тие го испитуваа теренот, термални води и дојдоа до заклучок дека има топла вода, рече една жител на Тетово

Според прогнозите на Светската здравствена организација до 2100 година во Македонија ќе исчезнат 13 отсто од вкупните количини на вода од изворите, реките и подземните води.

Зоран Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close