вести

Секоја година расте производството и извозот на млеко и млечни производи

(Oвој напис е објавен на: февруари 27, 2017)

Во Македонија секоја година расте производството и се намалуваат количините на сурово млеко кои треба да се увезат за да се задоволат домашните потреби. Така од сопствено производство може да се задоволат 70 отсто од домашните потреби на млеко, а остатокот се обезбедува од увоз. Но, во последните години со примена на владините стимулативни мерки се зголемува производството и извозот на млеко и млечни производи, а најголем дел од домашните производи одат на пазарите во соседството.

sekoja godina raste proizvodstvoto i izvozot na mleko i mlechni proizvodi

 

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потврдуваат дека со примена на стимулативните мерки производството на млеко и млечни производи се зголемува, а се намалува потребата од увоз на сурово млеко.

Основен проблем на млекопроизводството во Македонија, од ресорното министерство сметаат дека се ситните фармерски стопанства. Најголем дел од сточарите имаат по пет крави, но од идната година државата ќе субвенционира 90 проценти од инвестицијата за оние што ќе поминат од пет на 10 крави, а корисник може да бидат земјоделците кои најмалку три години ги имаат регистрирано петте крави. Со примена на овие нови мерки од ресорното министерство се надеваат дека во Македонија ќе заживее краварството.

Во Македонија има околу 250.000 грла говеда од кои 120.000 се молзни крави со просечна годишно производство по 3.000 литри млеко по крава.

Од млекарниците велат дека недостигот од непреработено млеко го решаваат на повеќе начини, а најчесто со кооперантски однос со млекопроизводителите, како и со директни инвестиции во свои фарми. Домашните млекарници сметаат дека со развој на кооперантството ќе се направи баланс на квалитетот и на количините на домашното млеко и на тој начин ќе се избегнат директните влијанија на турбуленциите на млечниот сектор во регионот и пошироко.

Што се однесува до извозот и минатата година најголем дел од македонското млеко и млечните производи завршиле на пазарот во Косово. Од вкупно реализиран извоз од 2.222,620 килограми дури 1,556,701 килограми млеко и производи од млеко биле извезени на косовскиот пазар.

Според податоците од Агенција за храна и ветеринарство од почетокот на годинава досега извезени се 850.601 килограм, од кои најголемиот дел, односно 758,580 килограми пласирани се на пазарот во Косово. Помал извоз, односно 53,970 килограми на млеко и млечни производи се реализирани на пазарот во Црна Гора, а помали количини од над 10 до 15,023 килограми на пазарите во Србија, Босна и Херцеговина и САД.

И во 2015 година втор по големина пазар за млекото и преработките од млеко произведени во земјава бил пазарот на Црна Гора каде биле пласирани 217,718 килограми, потоа пазарот на САД каде биле извезени 186,480 килограми млеко и преработки од млеко. Исто така, не треба да се занемари и извозот на македонско млеко на пазарот во Албанија кој во 2015 година изнесувал 168,480 килограми.

Од АХВ велат дека интензивно се работи на подготовка на заинтересираните компании од млечната индустрија за извоз во Русија кој треба да се реализира наскоро и со кој ќе се развијат и унапредат трговските и економските врски меѓу Македонија и Русија.

Во тек е усогласување на работењето на дел од македонските компании со руските прописи, за да можат да ги пласираат нивните производи на овој пазар. Неколку од заинтересираните компании од млечниот сектор одобрени за извоз ги имаат исполнето условите кои ги бара Русија, односно веќе имаат готов производ за пласман.

Контроли за тоа колку досега заинтересираните компании ги исполнуваат условите кои се бараат за извоз на рускиот пазар се направени од страна на инспекциските служби на АХВ и претставници на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Русија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close