fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

„Семенарство промет“ во с. Новаци презентираше хибридни сорти пченка

Добра жетва со одлични приноси е заедничката цел на дистрибутерите на семе и земјоделските производители. Изборот на семе е основата за постигнување добри резултати. На опитното поле во с.Новаци „Семенарство промет“ презентираше 9 хибридни сорти од Институтот за семе Осијек од Хрватска.

За прв пат во битолскиот регион на парцела во с. Новаци фирмата „Семенарство промет“ Скопје имаше презентација на 9 хибридни сорти  пченка од групата ФАО, почнувајќи од групата 350 – 630 во зависност од тоа за што ќе се користи. На презентацијата присуствуваа индивидуални земјоделци , големи производители и земјоделски аптеки, гости кои многу добро ја познаваат оваа област и ќе може самите да видат и препознаат за каков квалитет на производ станува збор.

-Скоро 15 години сме присутни на пазарот и секоја година се обидуваме да воведеме по 2-3 нови хибридни сорти. Соработуваме со Институтот за семе Осијек од Хрватска и сакаме да им ги презентираме на нашите земјоделци најдобрите  семиња и да видиме до каде е дојдена генетиката во оваа област. Сите ние што се занимаваме со дистрибуција на семенски и друг материјал, треба да сфатиме дека на земјоделците треба да му понудиме квалитет. И ние самите овде на овие опитни полиња  ќе се увериме кои сорти се добри или лоши. Добрите ги прифаќаме и ги пласираме, а лошите ги отфрламе. Треба да се одбере најдобрата сорта, а за тоа земјоделците сами да се уверат, изјави за Зелена берза Штеријо Николов директор на Семенарство промет.

Како што објасни тој најбитно е за што ќе се користи семето, за пченка во зрно, силажа или кочан . Зависи за кој регион станува збор и во зависност од потребата  се бара соодветно семе, но во последните години  земјоделците најмногу ја бараат комбинираната сорта, односно она семе кое е добро и за производство на пченка  во зрно и за силажа и за кочани.

     

 

– Се надевам дека до сега земјоделците се уверија во квалитетот на производите што им ги нудиме, различен семенски материјал јачмен, пченица ,пченка, луцерка соја, хибриди од областа на градинарството и други култури. Конкуренција има и ние се бориме само со квалитет. Институтот за семе Осијек, со кого соработуваме, има некаде 20 -30 хибриди, но ние овде ги нудиме оние што сметаме дека покажуваат резултат на овие простори. На пазарот има добри сорти но треба да се одбере најдобрата, земјоделците се овде  да видат и сами  да се уверат во тоа.

Боби Петровски од с.Новаци е земјоделец кој обработува површина од 60 ха. Самиот е уверен што значи добро семе. Тој оваа сезона успеал да постигне рекорд во производство на пченица. Употребил семе од сортата „Кралица“  со која добил 10 тона пченица од ха. Свесен е дека само со квалитетно семе може да се постигне добар приход.

-Прв пат употребив од семето „Кралица“ и сум многу задоволен, добив 10 тона од хектар. Се надевам дека и со пченката ќе постигнам добри резултати. Прв пат користам семе од сортата 598 и „Кулак“, но ќе знам точно откако ќе ја ожнеам, вели Боби Петровски.

Задоволен од семињата на „Семенарство проемт“ е и Тони Божиновски на чија парцела се посеани хибридните семиња кои денес се презентираа.

-Одгледувам пченица, пченка, јачмен, луцерка, индустриски домати . Годинава имам посадено јачмен од Институтот Осијек, на мала површина ама сум многу задоволен од семето „Максим“. Имав добар принос од 2000 квадрати површина добив 1 700 кг. што е задоволително. Овде имам посадено повеќе сорти пченка. За сега сите се добри, но ќе можам точно да оберам кога ќе стигне за жнеење. Да видиме како ќе се движи влагата. Кај нас проблем е влагата, како таа ќе се испушта, дали  ќе се исуши по природен пат или ќе треба да ја сушиме во сушара, вели Тони. Две години соработувам со Семенарство, со јачменот сум задоволен, се надевам дека и семето за пченка ќе биде добро.

Заедничко размислување на сите им е тоа дека со квалитетно семе и примена на сите потребни агротехнички мерки  може да се добијат сигурни приноси и да се постигне она за што сите се вложуваат – поголем приход.

 

П.Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close