fbpx
Вести

Семејни живинарски фарми на државата ќе и заштедуваат по 50 милиони евра годишно

Секоја година од Македонија се одлеваат по околу 50 милиони евра за пилешко, зашто 95 проценти од ова месо на домашниот пазар доаѓа од увоз. Ова е најголемата ставка при увозот на земјоделско-прехранбени производи, па затоа е и една од причините поради која развивањето на живинарството е утврдено како еден од клучните приоритети во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014-2020 година. Крајната цел е до 2025 година во Македонија да се произведуваат 10.000 до 12.000 тони пилешко месо.

platena-rabota-britanija-kokoski-02

Проект за развој на живинарството во Македонија, спроведен со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО ги дава насоките кон постигнување на таа цел. Се сугерира изградба на нови и обнова на постоечките капацитети, односно фарми за бројлерско производство, создавање препознатлив домашен производ, константно производство и снабдување на пазарот со пилешко месо, добра промоција која е клуч на успехот, но и многу подобра организација, односно заеднички настап на пазарот.

Аргумент плус за тоа дека треба да го развиваме живинарството дава истражување правено во рамките на тој проект, според кое 96 проценти од испитаниците кои консумираат пилешко месо, 80 проценти прават разлика меѓу замрзнатото и попосакуваното свежо месо, 62 проценти преферираат домашно пилешко, а речиси сите квалитетот и безбедната ги ставаат пред цената.

Носечка улога за реализирање на зацртаниот план за развој на живинарството и надминување на речиси комплетната увозна зависност, а со тоа и за задоволување на потребите на потрошувачите, им се дава на семејните живинарски фарми. Тие треба да се организираат во задруги, зашто на тој начин ќе можат заеднички да вложуваат, да користат иста кланица и полесно да го пласираат месото.

– Дополнително, задругите ќе имаат можност да добијат поддршка од Владата преку вработување лице кое ќе управува со задругата, субвенции за набавка на потребна опрема, механизација и слично. Достапна финансиска поддршка за членовите на задругата ќе има и во рамки на програмите за директни плаќања, европските ИПАРД фондови, а предфинансирањето на овие инвестиции ќе биде помогнато со поволни кредити преку македонските комерцијални банки за кои државата ќе гарантира преку формираниот Гарантен фонд и ќе ги субвенционира каматните стапки до висина од 50 проценти, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close