fbpx
ВестиТоп вести

Подготовка на сенажа од луцерка

Подготовката на сено, во наши услови, најчесто се врши на традиционален начин, односно со природно сушење на тревата на сонце. Покрај овој начин, во малку помала мера, застапена е и подготовката на сенажа и силажа, како и конзервирање на зелена маса. Луцерката, кај нас најчесто се конзервира со сушење и тоа природно, на сонце, на земја, со што се добива сено.

Сенажата по составот и особините е слична на зелената маса во однос на сеното, а постапката за подготовка во мала мера зависи од временските услови. Во нашите агроеколошки услови, првото косење на луцерката е најважно затоа што се добива 60% од вкупните приноси. Во мал број случаи, кај земјоделците кои ја наводнуваат ливадата и применуваат мерки на прихрана и заштита од штетници, годишниот принос на зелена маса или сено е значително поголем, а приносите по косења се рамномерни. Во таквите случаи се добиваат пет, а понекогаш и шест откоси, додека годишното производство на сено изнесува и до 20 тони/хектар.

Ваквите ливади се користат од 6 – 8 години, па и подолго, а се тоа влијае трошоците за производство на сено на крајот да бидат значително пониски. Наспроти тоа, на парцелите каде штто нема наводнување, ниту примена на агротехника, најчесто во текот на вегетацијата се добиваат три откоси.

Кога да почнете со косење и подготовки?

Косењето на луцерката за сенажа се одвива во првата половина од денот, но само штосонцето ја подигнало росата. Во текот на попладнето и ноќта, искосената маса доволно овенува, така што следниот ден може да се пристапи кон собирање, сецкање, пренесување и набивање на масата. Во летните месеци (јули и август), масата искосена попладне може да биде исушена до доволно ниво на сува материја дури во попладневните часови.

Доколку временските услови се неповолни, искосената маса потребно е да помине повеќе време на земја, со цел проветрување, но тоа доведува и до зголемување на губитокот на органски материи, а пред се на каротинот. Количината на искосената маса треба да биде во рамки на можностите за што пократко време да се собере, иситни и да се превезе до објектот и складира. Во спротивно, може да дојде до пресушување на еден дел од искосената маса, што има за последица нанесување на штета и лошо набивање. Доколку се случи вакво нешто, се препорачува, пресушената искосена маса да се складира прва (долниот слој).

Комбанирањето на овенетата маса треба да започне при поголема содржина на влага (околу 60%), затоа што со одложувањето на сенажирањето се зголемува процентот на сува материја на полето, побрзо или побавно.

Сенажата од луцерка има своја голема предност

При производство на сенажа од еден хектар се добива повеќе крма, отколку при подготовка на сено и силажа. Исто така, се постигнува за 30% повеќе сува материја по единица површина, за 44% подобра е сварливоста на протеините, односно во целина за 45% подобра е сварливоста на сувите материи, отколку што тоа е случај кај сено од трева.

Постапката за подготовка е многу едноставна: масата се иситнува со сенажен комбајн, се чека во зависност од временските услови неколку до 24 часа, масата да провене (да се просуши), на околу 55% влага и добро се гази, исто како и за силажа од пченка. Во овој случај, потребно е да се додаде некоја јагленохидратна компонента, може и два до три килограми шеќер по тон зелена крма или инокуланти. Со сушењето на сеното доаѓа до голем губиток на протеините од луцерката, дури и до 45% од најквалитетните делови на растението. Лисјата остануваат на нивата и производителите на фармата, воглавно носат чиста целулоза која секако не влијае на зголемување на производството на млеко.

Со сенажирањето губитоците се намалуваат два до три пати и тоа претставува многу добра причина за конзервирање на зелената крма. Во случај, земјоделците да немаат сенажен комбајн, можат зелената крма да ја покосат со косачка, а потоа да ја иситнат. Сенажата од луцерка има голема предност во однос на сушењето на сеното, посебно од првото мајско откосување, кога врнежите се чести и отежнато е сушењето на сеното, а губитоците на хранливите материи се големи.

Квалитетна сенажа – без голем влог

Оптимална должина на откосувањето за подготовка на сенажа е од 0,7 до 1,5 см, поради содржината на суви материи. На сило – комбајните може да се наоѓа и специјален уред (апликатор) со кој истовремено исецканата маса се третира со бактериско – ензимски додатоци со забрзување на ферментацијата и подобрување на сварливоста на сенажата. Исецканата и третирана маса се товара на приколица со која се транспортира до објектот.

Квалитетна сенажа може да се подготви и во хоризонтални сило – објекти кои се најзастапени без вложувања во специјални градби од вертикален тип. Набивањето на овенетата маса за сенажа се врши со газење со трактори. Доколку се прават помали сило – објекти мора да се посвети внимание на неговите димензии. Најмалата ширина треба да биде три метри за да се овозможи непречено газење со трактор по целата површина. Полнењето на објектот треба да се врши постепено, во слоеви со дебелина од 20 – 30 сантиметри.

Проблеми кои може да се појават

Најголемиот проблем кај сушењето на првиот откос за сено се честите врнежи во месец мај, како и високата влажност на воздухот и земјата. Освен тоа, растенијата од првиот откос се одликуваат со грубо стебло и малку лисја во вкупната растителна маса. Во таквата маса, лисјата брзо се сушат во однос на стеблата и лесно отпаѓаат, а со нив се губи и најхранливиот дел на растението.

Во лисјата на луцерката се наоѓаат три четвртини содржина на протеини, како и најголемиот дел витамини и минерали. Доколку, во меѓувреме и врне, искосената маса останува на земја уште подолго со испирање на најважните хранливи состојки. На сето тоа, треба да се додаде и тоа дека со долгото задржување на искосената маса на ливада (поради неповолните временски услови), се попречува регенарацијата на растенијата, а доколку тие порастат низ покосот, доцното собирање на сеното дополнително ги оштетува младите растенија.

Поради сите набројани предизвици во производството, малите земјоделски производители, веќе некое време, првиот откос на луцерката го конзервираат во форма на сенажа или силажа. Освен првиот, често и последниот или есенскиот откос на луцерката се силира, затоа што и времето во есенскиот период, исто така е неповолно за подготовка на сено.

 

 

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close