Швајцарска поддршка за македонското органско производство

(Oвој напис е објавен на: February 23, 2017)

Македонија во следните три години ќе добие поддршка од Швајцарија за развој на органското производство. Ова е договорено со меморандумот за разбирање и соработка што го потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и директорката на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на швајцарската фондација за техничка соработка Розанди Лоу.

shvajcarska poddrshka za makedonskoto organsko proizvodstvo

 

Како што соопшти Министерството за земјоделство, се предвидува Македонија и Швајцарија да ги координираат заедничките активности за пораст на органскиот земјоделски сектор во земјава преку воспоставување врска меѓу органските производители и потрошувачите, зголемување на свеста за придобивките од органски производи и зајакнување на довербата на потрошувачите.

Партнерството вклучува изработка на брошури, промотивни материјали и софтверски алатки за органско земјоделско производство, спроведување обуки во областа на земјоделството и руралниот развој, како и создавање услови за подобра вработливост на жените и младите лица.

– Вашите активности се вклопуваат во нашите планови за развој на органското производство. Нашите интенции се да ги мотивираме малите земјоделски стопанства, кои сочинуваат околу 70-80 отсто од вкупните стопанства, да произведуваат органска храна преку обуки на производителите, олеснување на набавката на дозволените заштитни средства, ѓубрива и семенски материјал, a планираме да воспоставиме и систем на договорено производство на ист квалитет, со што ќе се добиваат поголеми извозни количества истакна министерот Цветков, кој ги образложи мерките за поголемо органско производство и преработки.

Според директорката на програмата Розанди Лоу, веќе постојат одредени контакти и има почетен интерес на производители на органско семе од Швајцарија за соработка со македонски компании.