fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Скратените 5.000 денари од пензионерската посмртнина ќе почнат да се враќаат од јули

Заклучно со јулската пензија сите кои ќе побараат посмртнина ќе добиваат по 25.000 денари, а подоцна ќе им се доплатуваат уште 5.000 денари. Потоа, откако ќе истече важноста на времената одлука, ќе почне редовната исплата по 30.000 денари за сите кои ќе поднесат барање.

Се зголемува бројот на семејства на починати пензионери кои ја добиваат помошта за нивниот погреб, откако Сојузот на здруженијата на пензионери – СЗПМ во февруари донесе одлука помошта позната како посмртнина времено да се намали за 5.000 денари.

Оваа одлука важи заклучно со јуни, до кога семејствата на починатите пензионери кои уплатувале пари во солидарниот фонд наместо 30.000 како посмртнина ќе добиваат по 25.000 денари. Но, според претседателката на СЗПМ, Станка Трајковска, никој нема да биде оштетен и разликата од 5.000 денари ќе ја добие почнувајќи со исплатата на јулската пензија и тоа според редоследот на барањата.

-Одлуката да се намали оваа помош е од привремен карактер и е објавена во „Службен весник“. Целта ни беше да можеме да одговориме на што поголем број барања за исплата на средствата во услови кога поради пандемијата се зголемуваше бројот на починати пензионери. Мислам дека ја исполнивме таа цел. Сега ситуацијата е стабилизирана, зашто е намален бројот на починати пензионери. Отсега очекуваме и поголем прилив на средства во солидарниот фонд затоа што од јули ќе се зголеми бројот на нови пензионери, бидејќи стапува во сила задолжителното пензионирање на 64 години, појаснува Трајковска за весникот ВЕЧЕР.

Семејствата, односно оние чиј бил трошокот за погребување на пензионерот, нема потреба да се јавуваат и да поднесуваат барања за да ги добијат скратените 5.000 денари. Како што појаснува Трајковска, корисниците се следат по службена должност, зашто веднаш по донесувањето на привремената одлука за намалување на помошта, доградена е и самата апликација.

Исто така, заклучно со јулската пензија сите кои ќе побараат посмртнина ќе добиваат по 25.000 денари, а подоцна ќе им се доплатуваат уште 5.000 денари. Потоа, откако ќе истече важноста на времената одлука, ќе почне редовната исплата по 30.000 денари за сите кои ќе поднесат барање.

Во СЗПМ се надеваат дека нема да се повтори оваа ситуација кога бројот на починати пензионери е толку голем што акумулираните средства во солидарниот пензиски фонд не се доволни да се одговори на барањата на сите семејства. Доколку, пак, се случи најнепосакуваното сценарио, односно ако се повтори таа ситуација,  тогаш ќе се носи нова одлука за привремено намалување на вредноста на посмртнината.

Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во март, од солидарниот фонд имало 1.560 исплати, а во април 1.867. За разлика од тоа, во јануари и февруари, пред да се донесе одлуката  за привремено намалување на средствата наменети за погреб на пензионери, имаше по нешто повеќе од 1.450 исплати.

Од вкупно 326.645 корисници на пензија, по 30 денари во солидарниот фонд во април уплатиле 309.080 пензионери, со што во касата на СЗПМ се слеале нешто под 9,4 милиони денари. За исплата на посмртнината во солидарниот фонд од почетокот на годинава до крајот на април се акумулирани вкупно 37,6 милиони денари.

Во април се регистрирани 914 починати пензионери и 1.992 нови. По неколку години, со стивнување на пандемијата годинава за првпат бројот на нови пензионери е многу поголем од бројот на починати. До пандемијата Фондот за ПИОМ регистрираше во просек по околу 1.200 починати корисници на пензија месечно, а за време на пандемијата бројот се зголеми на над 1.800.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close