fbpx
Вести

Со 20 милиони евра државата ќе гарантира за половина сума од секој кредит во аграрот

За сите земјоделци што имаат потреба од кредит за користење европски пари од ИПАРД-програмата, а немаат имот за хипотека, Министерството за земјоделство и Владата ќе гарантираат за половина од сумата која им е потребна. Стартува Гарантниот фонд и од следниот месец, покрај од Прокредит банка, земјоделците ќе може да го користат овие средства и преку Стопанска банка Битола и Комерцијална банка.

so 20 milioni evra drzhavata kje garantira za polovina suma od sekoj kredit vo agrarot

 

Вкупните средства се околу 20 милиони ев ра. Максимална сума на кредит што ќе може да се земе преку овој фонд е 500 илјади долари. Во однос на каматните стапки, истите зависат од кредитната политика на банката, клиентот и типот на инвестиција. Во ресорот велат дека Гарантниот фонд функционира на принципот 50-50, односно преку него се обезбедува гаранција за до 50 отсто од главницата на кредитот за кои банката нема да побарува хипотека односно обезбедување за истиот. Земјоделците се презадоволни. Велат дека на ваков начин европските пари стануваат подостапни и за оние што немаат имоти кои се интересни за хипотеки за банките. Засега интересот е голем, и очекуваат каматите да не бидат повисоки од 5 отсто.

Сигурни пари

– Фондот е воспоставен со соработка на Владата на Република Македонија и УСАИД. Наменет е за кредити за ИПАРД-инвестиции, проекти преку националната програма за рурален развој, но и за самофинансирачки инвестиции во примарно земјоделско производство и мали бизниси во рурални средини. Во декември 2015 година, Прокредит банка почна со издавање кредити преку гарантниот механизам. Уште две банки ќе започнат со издавање на кредити преку овој гарантен фонд најдоцна од март 2016 година велат во ресорното министерство.

Оттаму објаснуваат дела на ваков чекор се решиле поради минималната искористеност на парите од европските фондови наменети за рурален развој. Во последниве седум години искористени се само шест од вкупно над 62 милиона евра или околу седум отсто. Од нив фирмите искористиле околу 5 милиони евра, а земјоделците помалку од половина милион. Експертите велат дека главни причини за слабата искористеност на европските пари покрај недоволната информираност и подготовка на проект, е хипотекарниот имот. Вкупниот европски фонд за Македонија, преку ИПАРД е над 80 милиони евра. Според намената, секој корисник ќе може да добие од 10.000 до 4,5 милиони евра во зависност од инвестицијата. Новина е што освен земјоделци и земјоделски стопанства за овие пари може да конкурираат и угостители и трговци поединци. Корисникот е должен да го направи проектот или објектот, a потоа се враќа повеќе од половина од сумата. Ако нема пари, може да земе кредит за кој за половина за сумата гарантира фондот. Потоа до 60 отсто од вкупните прифатливи трошоци на инвестициите се враќаат кај сите земјоделци, со можност истите да се зголемат на 65 проценти за инвестиции во земјоделски стопанства на млади земјоделци.

Во Сојузот на земјоделците на Македонија велат дека Гарантниот фонд долго време се очекувал од страна на фармерите. Сега, според нив европските пари ќе им бидат далеку подостапни.

Можност што мора да се искористи

– Нема секој стан или куќа во град за да може да ги остави на банката како хипотека. На ваков начин практично државата гарантира за вас. Задоволни сме од одлуката и од можноста која ни се дава. Останува сега да се искористат европските пари вели Вељо Тантаров претседател на Сојузот. Според него идејата е од пред неколку години, но се надева дека сега кога можноста ја имаат полесно ќе доаѓаат и до кредити и ќе има поголеми инвестиции во аграрот.

Гарантниот фонд ќе може да се искористи и доколку фармерите конкурираат за програмата за рурален развој. Според неа сега може да се добијат повеќе од половина од вложени пари за обработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма. Исто така, може да конкурира и за средства за производството на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка. Со ИПАРД 2 им се остава можност и на лицата што не се регистрирани земјоделци да дојдат до европските пари, а се остава простор и за физички лица кои се регистрирани како угостители или трговци поединци. Се предвидува и кофинансирање на обука и образовни центри за која било професија, хоби или самостојно развојна цел, спорт и рекреација, услуги за поддршка на образование, информатички центри, транспортни услуги, кина, локална радиодифузија и др.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close