fbpx
ВестиТоп вести

Жителите од руралните општини од тетовско пијат вода со фекалии

Над 60 % од жителите од руралните општини од тетовскиот регион пијат неисправна вода. Редовните анализи на Центарот за јавно здравје Тетово, говорат дека во земените мостри се регистрира најчесто микробиолошко загадување, пред се Ешерихија Коли и Колимфорни бактерии.

Поради ваквата еколошка состојба, често кај населението кое ја конзумира водата се јавува труење, со симптоми како болки во стомакот, дијареа и повраќање. Така беше и на 9 август, кога стотици лица од неколку села од Општина Теарце, започнаа да бараат лекарска помош во селските амбуланти.

Бројот на затруени пациенти надмина над 500. Ситуација се смири по неколку дена примена терапија и мирување. Од амбулантата во Теарце, велат дека и во минатите години имало вакви слични труења, но не во толку голме број и со толку големи симптоми.

Во Теарце жителите се снабдуваат со вода од река Бистрица која најпрвин се акумулира во базен , останатите села од општината се снабдуваат директно од река.

Дел од луѓето кои ги одржуваат селските водови, велат дека теарчани се трујат со водата, поради незаштитените водоводни системи

-Базенот од каде се снабдуваат жителите со вода за пиење не е заштитен, односно не е ограден, и во него може секој да влезе па и животни. Има и такви села како Пршовце на пример и Глоѓи кои се снабдуваат со вода директно од реката, а таму животни пијат вода па има и мртви животни во реката, еколошка катастрофа е тоа, вели  Реџеп Билали жител на Пршовце.

Од Центарот за јавно здравје, велат дека мора општините, месните заедници па и луѓето кои управуваат со селските водоводни системи да преземаат превентивни за да не доаѓа до загадување на водата, а не дај боже и поголеми труења со поголеми катастрофални последи. Најважно е да се преземе првиот чекор, а тоа е да се изврши заштита на системи, но и да се врши редовно хлорирање на водата од стручни лица

-Ако водоводните системи не се дезинфицираат редовно, и не се заштитени доаѓа до загадувањето на изворите со вода. Значи селските водоводните системи немаат заштитна прва зона и ако имаат не е оградена.Проблем е и што немаме техничко исправно каптирање на изворите. Процентот на загаденост на селските води е многу голем, но тој може да биде и поголем, ако се земе предвид фактот дека не сите месни заедници склучуваат со нас договор за испитување на водата, па може во некое село да има загадена вода а тоа да не се знае,  вели д-р Ратко Давидовски

Оттаму велат дека селските водоводи се загадуваат, и поради тоа што со нив најчесто раководат месните заедници, иако според законот со нив треба да управуваат јавните комунални претпријатија.

-Се разбира ако со водоводот управува јавно комунално прептријатије имаме поголема контрола на самиот систем, посериозно однесување и слично. Затоа селските водоводи треба да преминат во раце на јавни претпријатија, потенцираше д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

Во тетовско со 90 % од селските водоводи управуваат месните заедници.

Забраната за користење на водата за пиење во селата Глоѓи, Пршовце и Теарце се уште стои. Од Центарот за јавно здравје, препорачуваат забраната да биде истакната на јавни места.

 

Зоран Димовски

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close