Со житните култури и ние како ЗК Пелагонија жнееме големи успеси
Да е бериќетна жетвата на полињата на ЗК Пелагонија!
Со комбајните на Џон Дир стартува жетвата на житните полиња на ЗК Пелагонија Битола.
На свеченоста која се одржа во дворот на црквата „Пресвета Богородица“ во пелагониското село Новаци, менаџерскиот тим на ЗК Пелагонија како домаќини го пречекаа министерот за земјоделие Арјанит Хоџа и бројни гости од земјоделскиот и бизнис сектор во државата.
-Задоволство е да се биде домаќин на ова парче земја кое што значи живот за Македонија. Работата во областа на земјоделието никогаш не била лесна, напротив секогаш била и повеќе од предизвик. Од памтивек на нашите предци земјата им била се’. Обработката на земјата барала знаење, физичка сила, добри временски услови. Денес ЗК Пелагонија, благодарение на своите вработени, модерната механизација, квалитетните семиња ја прави оваа стопанска гранка најсилната алка на живеење под ова македонско сонце. Благодарение на нашите насади со пченка, пченица, јачмен, сончоглед многу индустрии го продолжуваат својот работен век. Плодната земја, плодната Пелагонија ја добивме во наследство. Но, знаењето и работата се наши, затоа денес со житните култури и ние како ЗК Пелагонија жнееме големи успеси, порача Весна Белешовска Бунтеска извршен директор на ЗК Пелагонија АД Битола, посакувајќи бериќетна година полни силоси со жито за живот.
Нема поголема радост за земјоделец кога ги жнее плодовите од својот труд , особено кога годината е родна, а жетвата богата. Тоа е најдобрата награда за вложениот труд, рече министерот за земјоделие Арјанит Хоџа на стартот на жетвата во полињата на ЗК Пелагонија.
-Во климатски услови какви што ние ги имаме, а особено во Пелагонија, нашата најголема житница, житните култури одлично успеваат, а за тоа зборуваат податоците од подрачната единица на МЗШВ според кои обработливата површина под пченица во 2021 година изнесува околу 79 илјади хектари, што е зголемување за 7 проценти во споредба со 2020 година. Оваа година очекуваме просечен принос од околу 3.200 до 3.500 кг по хектар, вкупно 260.000 тони пченица. МЗШВ го поддржува производството на пченица која е стратешки производ на нашата држава. Преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството со 12 илјади денари по хектар засена пченица со сертифициран семенски материјал, рече министерот Хоџа, посочувајќи дека пченицата и другите житни култури се поекономични и рентабилни доколку се произведуваат на поголеми површини.
-За таа цел Владата и МЗШВ имаат предвидено поголема финансиска поддршка за засеана пченица со сертифициран семенски материјал за површини од 5 до 50 хектари со поддршка од 14.400 денари по хектар. Ние како МЗШВ го поддржуваме производството на житни култури, а јас како министер, како еден од вас искрено се радувам секогаш кога ќе присуствувам на настани кои симболизираат успех, завршен циклус и иднина. Жетвата е успех само по себе, житото значи дека ќе има леб. Жетвата е синоним за богатство бидејќи само од едно житно зрно посеано во плодна почва расте живот, кој дава нов живот, порача Хоџа изразувајќи задоволство што е дел од свеченоста за стартот на жетвата во полињата на ЗК Пелагонија.
Анета Блажевска