Агро бизнисВестиМакедонија

Спасот е во домашното производство на храна

Македонија со години бележи пад на домашното производство и раст на увозот на храна и хранливи производи, иако има големи предиспозиции за производство на земјоделски продукти и богата историја на обработка на земјата и на чување домашни животни.

Долгорочна стратегија за развој на земјоделството во Македонија, поддршка за примарните производители на земјоделски продукти, воспоставување директна врска меѓу земјоделците и преработувачите, враќање на домашното производство на семиња и ѓубрива за обработка на земјиштето се само дел од мерките со кои може да се поттикне домашното производство на храна. Светските медиуми укажуваат дека растат цените на храната, што дополнително се влоши поради пандемијата. Македонија со години бележи пад на домашното производство и раст на увозот на храна и хранливи производи, иако има големи предиспозиции за производство на земјоделски продукти и богата историја на обработка на земјата и на чување домашни животни. Познавачите истакнуваат дека е неопходна долгорочна стратегија што ќе создаде услови за поддршка на домашните производители и за стимулирање на домашното производство.
– Потребна е стратегија што ќе каже како ќе се развива земјоделскиот сектор во следниве пет до десет години и истата таа треба да е транспарентна, а во нејзиното правење да учествуваат луѓе што вложиле многу знаење и труд во аграрот. Имаме стручњаци во секоја област од земјоделството, од житните култури, преку овоштарството, лозарството, раноградинарското производство… Но државата не го користи нивното искуство, кое може да го инкорпорира и да создава услови за напредокот на секторот. Не треба државата само да гасне пожар, туку да создава предуслови за развој на сите земјоделски гранки – вели Илија Каров, професор на Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Со преработки до поголема вредност

Истакнува дека е потребна директна врска меѓу примарниот производител и откупувачите и преработувачите, кои потоа со преработка ќе ја зголемат вредноста на продуктите. Истакнува дека цените по кои им се откупуваат производите на земјоделците се демотивирачки и оти дури не им ги покриваат производствените трошоци, поради што луѓето се откажуваат од земјоделството.
– Не успеавме во цел овој транзициски период, во кој се сменија повеќе влади, да изградиме стратегија што ќе даде плод, односно што ќе го поттикнува земјоделското производство. Мора да се постават правила на игра со кои ќе се овозможи развој на секторот. Иако имаме пазарно производство, не може да се бараат производите на производителите под производствената цена. Мора да се води сметка дека тој треба да преживее со тие пари, да храни фамилија и да му остане за инвестирање во следната година. Заедно со примарното производство, треба да се форсираат и преработките на земјоделските производи, кои потоа ќе ги извезуваме со зголемена вредност, со што ќе се ангажира и дополнителен работен кадар во погоните, а бенефиции ќе има и државата. Преку разни механизми треба да се стимулира приватниот производител во примарното производство и да се поттикнува и овој сегмент, но и преработувачката – прецизира Каров.
Професорот наедно истакнува дека голем проблем со кој се соочуваат земјоделците е недостигот од производители на семенски материјали и на вештачки ѓубрива. Додава дека има недостиг од семиња во земјава, поради што нашите земјоделци плаќаат скапи увозни семиња. Посочува дека со разни мерки може да се стимулира домашното производство на семиња и ѓубрива, со што би се намалила нивната цена, а со тоа и производствените трошоци на земјоделците, чии продукти на тој начин ќе станат поконкурентни.

Бизнисменот Вили Кичуков посочува дека има повеќе причини поради кои растат цените на храната во Македонија и во светот, и притоа посочува дека причините во земјава се должат и на промени на политиките на субвенционирање, поради што се намалило домашното производство. Истовремено, Кичуков нагласува дека растат цените и на светските берзи, меѓу кои и на добиточната храна што се одразува и врз домашното производство.

– Сметам дека треба да се вратат старите мерките на субвенционирање на земјоделското производство, претходните начини на стимулирање на домашното производство, не овие што ги донесе последната владина коалиција. Сметам дека претходните мерки дадоа плод и со раст на домашното производство, и на долг рок ќе имаа уште поголем раст на домашното производство на храна. Не сметам дека сѐ беше совршено, но ниту дека сѐ беше негативно, но во поглед на аграрната политика, тогашните стимулативни мерки имаа многу поголем ефект – посочува Кичуков и додава дека сегашниот раст на цените на храната во Македонија е резултат како на растот на цените на светските политики, така и на лошите домашни мерки. Наедно истакнува дека во земјава е крајно време да се донесат правилници на примена и користење на различни дозволени хемикалии во прехранбениот сектор и да се посвети сериозно внимание на хранливите продукти на производите што се продаваат на нашиот пазар во насока на заштита на здравјето.

Со константни политики до поголемо домашно производство

Професорот Каров дополнува дека од осамостојувањето на земјава имало и добри и лоши аграрни политики, но крајно време е државата да се насочи исклучиво кон поттикнување на домашното производство.
– Низ годините сме имале повеќе погрешни одлуки, од кои треба да научиме дека без домашно производство нема храна за сите граѓани. Не треба да се реагира на пожар, при протести, туку со константна политика што ќе го зголеми домашното производство на храна, сами да ги задоволуваме потребите за месо, јајца, брашно… за сѐ што се добива од земјоделството. Друг аспект на кој треба да се посветат креаторите на политики е можноста за формирање фонд за земјоделство, кој ќе обештетува во исклучителни ситуации, но и да се работи заедно со амбасадорите што се тука, или нашите во странство да прават контакти на терени и да воспоставуваат соработка со тамошни компании на полето на извозот на храна – појаснува Каров. Професорот додава дека не смеат да се заборават климатските промени и дека државата треба да се подготвува за инвестиции во култури што ќе можат да вегетираат и успеваат и во сушни услови, бидејќи може да дојде до ситуација да исчезнат културите што сега се одгледуваат поради промената на климата, а земјата мора да го одржува и поттикнува домашното производство.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/%D1%81%D0%BF%D0%B0%D1%81%D0%BE%D1%82-%D0%B5-%D0%B2%D0%BE-

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close