Специјализантите започнаа штрајк: Беа слушнати само во времето на Филипче
Како што најавија, штрајкот ќе трае се додека не добијат писмени гаранции дека ќе им се исполнат барањата.
Специјализантите подолго време преку јавни настапи, протести и генерален штрајк, што го започнаа денеска, бараат да бидат исполнети нивните барања за регулирање на работниот статус, покачување на месечниот надоместок и здравствено осигурување за сите специјализанти.
Како што најавија, штрајкот ќе трае се додека не добијат писмени гаранции дека ќе им се исполнат барањата.
Прв кој обезбеди специјализантите да бидат платени за нивната работа додека специјализираат беше д-р Венко Филипче, кој како министер за здравство воведе измени што овозможија оваа важна гранка од здравствениот систем да биде мотивирана да продолжи да вложува во своето знаење и професионална едукација.
Покрај тоа, ваквата поддршка за специјализантите беше во насока и на нивно вистинско вреднување и задржување во земјава, нешто што е клучно за здравствен систем кој ќе одговара на потребите на граѓаните.
Почнувајќи од 2018 година, приватните специјализанти за првпат земаа плата. Месечниот надомест беше во висина на просечна плата, односно како плата на општ лекар.
Со измените кои се направија во Законот за здравствена заштита, се смени времето што специјализантот требаше да го одработи во установата по завршување на специјализацијата во траење еднакво на должината на траењето на специјализацијата. Во мандатот на Филипче се намали и висината на средствата што требаше да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.
Со политиките кои ги спроведуваше, Венко Филипче се залагаше за подобрување на статусот на специјализантите, на квалитетот на едукацијата и условите во коишто работат.
Д-р Филипче честопати јавно изјавува дека иднината на македонското здравство е во младите лекари и специјализанти, со кои честопати и рамо до рамо ја дели операционата сала во Неврохирургија, но го земаше предвид нивното мислење и при креирањето на здравствените политики.