Спортските риболовци од Струмичко и Радовишко ловат на суво
Предупредуваат дека има појава на таканаречено модерно криволоство со користење агрегати за струја.
Спортските риболовци од Струмичко и Радовишко реагираат, бидејќи подолго време нема каде да рекреираат. Во регионот само езерото Мантово има концесионер, додека најголемите вештачки езера и реката Струмица немаат стопани. Велат дека се принудени да риболоват на Дојранското Езеро, акумулацијата Палурци и Вардар кај Гевгелија, но тоа им причинува дополнителни трошоци, кои не можат да си ги дозволат.
Според претставниците на спортските риболовни клубови од Струмица и годинава овој регион останува без концесионер на водите. Заради истекување на поранешните концесии и немање интерес да се добијат нови, едно од најголемите вештачки езера во државата, акумулацијата Турија, потоа езерото Водоча, помалите брани како што се Новоселка, Маркова Река, Дрвошка Брана, езерцата кај Конче и целото течение на реката Струмица од Радовишко до границата со Бугарија се оставени на (не)милост на рибокрадците.
Таквата состојба, според спортските риболовци, никому не му одговара. Предупредуваат дека има појава на таканаречено модерно криволоство со користење агрегати за струја.
-Пред две години едно лице загина на реката Струмица кога криволовеше со агрегат. Подолг период сливот на оваа река, кој има богат рибен фонд, нема концесионер и е препуштена на милоста на криволовците. Според мене, кога не се заштитуваат водите потребно е формирање на рибочуварска полиција од страна на надлежните државни органи, која би и помагала на регуларната полиција во спречување на нелегалниот улов. Можеме регуларно да рибариме само на езерото Мантово, Дојранското Езеро, акумулацијата Палурци и реката Вардар, вели Васе Здравков од Риболовниот клуб „Крап“ од Радовиш.
Додава дека клубовите не можат да ги исполнат условите за добивање концесија од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи немаат можности да соберат доволно финансиски средства.
-Доколку добиеме концесија задолжени сме да извршиме порибување со одредена количина риба, ресорното Министерство ја диктира цената на дозволите, а треба да имаме и постојано вработени. Затоа никој не се одлучува да конкурира на огласите, вели Здравков, кој информира дека нивниот клуб има околу стотина членови.
Киро Ѓузелов од СРД „Шампион 2005“ од Струмица, кое има над 300 членови, потврдува дека се истечени концесиите на браните Турија и Водоча, додека за останатите води подолго време нема интерес.
-Ние бараме што побргу водите да добијат концесионер и да се заштити рибниот фонд, но и да можеме да риболовиме. Таквата состојба повеќе не е одржлива, зашто се потешко се заштитува рибата, смета Ѓузелов.
Иван Вучетиќ од Ловно риболовното друштво „Елен“ од Ново Село, кое до неодамна беше концесионер на реката Струмица од селото Турново до македонско-бугарската граница и акумулациите Новоселка и Иловчанка, вели дека се немоќни да ги исполнат условите кои се бараат за добивање концесии.
-Не сме моќни финансиски тоа да го исполниме и затоа лани не можеме да добиеме концесија. Годинава распишавме оглас за прием на уште еден чувар, но на огласот никој не се јавува. Со новиот оглас од ресорното Министерство непотребно ни е одземема браната Иловчанка, која сега е во друг ревир заедно со делот од реката Струмица во радовишко и браните Дрвошка и Маркова река. Веќе трета година реката Струмица нема концесинер. Се плашам дека ќе дојде време кога државата ќе моли некого да стопанисува, зашто рибниот фонд немилосрдно се уништува. Ете, само во Струмица има шест риболовни друштва, а ниту едно не конкурира, а ист е случајот и со нас, посочува Вучетиќ.
Од Министерството за земјоделство и шумарство информираат дека на јавниот конкурс за доделување концесии, кој завршил неодамна, никој не се пријавил.
-Во определениот законски рок ниту еден субјект не се пријави за концесиите на водите во Струмичко. По завршувањето на целата постапка, повторно ќе објавиме конкурс, информираат од Министерството.
За причините зошто нема заинтересирани сметаат дека условите за добивање концесија се исти за сите во државата, но можеби причина е тоа што некои клубови или правни лица немаат доволно ресурси да бидат концесионери.
-Имаат обврска да порибат и да платат рибочувар, но по се изгледа сметките не им излегуваат и затоа имаме риболовни ревири без концесионери, додават од МЗШВ.
Појаснуваат дека во состојба кога нема концесионери рибата е добро од општ интерес и за нејзина заштита е надлежно МВР.
Пред пандемијата од Ковид-19 голем број спортски риболовци рибареа во соседна Грција на тамошните езера и реки, па и на морето, но сега заради забраната за влез се принудени да спортуваат само на неколку ревири.https://nezavisen.mk/sportskite-ribolovci-od-strumichko-i-radovishko-lovat-na-suvo/