Стевче Радевски тврди дека не им се исплатени субвенците на овоштарите
Трипуновски вели заостанатите субвенции се исплатени, овоштарите негираат?!
Секоја нова влада во својата програма посочува дека посебно внимание ќе посвети на земјоделството затоа што не ги имаме условите за тоа. Податоците од државниот завод за статистика пак, постојано го побиваат оптимизмот. Според последните бројки, а кои се однесуваат за годинава заклучно со септември, увезена е храна (заедно со живи животни) за 879,6 милиони евра. Во истиот период сме успеале да извеземе храна за 408.8 милиони евра, што значи дека увозот е двојно поголем од извозот.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече дека Владата посветено ќе работи на враќање на довербата на земјоделците, па дури и дека ќе станеме лидер во земјоделско производство. Тој со голема гордост на завчерашната прес-конференција изјави дека сите заостанати долгови се платени, дури и од 2020 година и дека во два дена е извршена исплата од 1,7 милијарда денари кон 78.000 македонски земјоделци за тековната 2024 година.
Стевче Радевски, индивидуален производител на јаболка од Царев Двор тврди дека не им се исплатени двата денари по килограм предадено индустриско јаболко за реколтата 2022/2023 година, како и дека само 30-тина проценти добиле авансна исплата.
-Во однос на поддршката од Владата нас ни е важно да си го исполнат тоа што го презеле. Важно ни е да се исплати тоа што е договорено. За предаденото индустриско јаболко не само што нема исплата, туку и никаде не се најавува такво нешто. За онаа мерката за авансна исплата на сите овоштари по 12.000 денари исплатена е само на 30-тина проценти-изјави Радевски за „Слободен печат“.
Тој вели дека со години учествувал во разни комисии во Министерството за земјоделство и дека секогаш се повторувала истата реченица дека тоа е партнер со земјоделците, но во пракса работеле спротивно на интересите на земјоделците.
-Само се менуваат програмите и стратегиите, а сè друго останува исто – ревносно вели Радевски.