fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Сточарот Бранко Нисев пет години чека обесштетување од поплавите во Штипско

Поплавите во Лакавичкиот крај, му ја испразнија шталата, а  му го уништија и сонот за сточарење.

Штипски Регион

Поминаа пет години од поплавите, а сточарот Бранко Нисев од Штипско, се уште чека да биде обесштетен. Од фармер кој чувал четиристотини свињи сега  има само дваесет телиња. Последните поплави во Лакавичкиот крај, му ја испразнија шталата, а му го уништија и сонот за сточарење.

Сточарска фарма  на Нисев лоцирана  во Лакавичкиот регион беше поплавена со    излевањето на  река  Крива  Лакавица.  Тој за „Зелена Берза“ вели дека  добил обесштетување  за  штетите на земјоделските  посеви, но не и за фирмата.  Му пропаднале  30 тони сточна храна  за добитокот, а поради тешката состојба во која се нашол одлучил да ги продаде свињите. Немал  со што да  ги прехрани а  ниту имал пари  да купи жито.  Драстично се намалила и цената на свинското месо. Според  Нисев  за причинетата штета државата на име на фирмата треба да му исплати околу  400.000 денари. Сточарот се уште се надева дека ќе ги добие парите.

-Петта  година како чекам државата  да ме обесштети. Имав 30 тони пченка, јачмен, ќуспе, соја и премиси како слама и луцерка, тоа се уништи, а до ден денес немаат исплатено ниту денар. Исплатија само на име на физичко лице што имав поплавена  покуќнина, а тоа  што беше на фирмата, сточната храна, ништо  не е исплатено, се пожали Нисев.

Работите по поплавите, како што  вели сточарот се усложниле, па следела одлуката да се откажат од чување на свињите.

Нисев  во меѓувреме се пензионирал. Сега за дваесетте телиња што  ги одгледува  вели  дека е негово хоби од кое може и по нешто да  заработи,  зашто со пензијата тешко се излегува накрај. Поплавата  направила голем пресврт во неговиот живот.

-Пред година две ја почнавме работата, но не ја истеравме до крај, се пожали   Нисев  кој сакајќи да ја истера  правдата до крај  се соочил со проблем да ги комплетира потребните  документи. Не успеал да дојде ниту до  записникот за проценетата штета  во општината.

Нисев со став  дека државата треба да им  даде помош и  ги поттикне младите да се занимаваат со сточарство, но  смета дека  веќе тоа е задоцнета мерка.

-Младите побегнаа, тешко некој да се врати и да вложува  во фарми и да чека производство. Мислам  дека нашите генерации се последни и тоа  е крај на сточарството. Јас чувствувам така, а дали сум во право или не, ќе покаже времето. Читав на интернет за десет години колку е намален сточниот фонд, статистички, како се одвиваат работите не е на добро. Ридот тука беше   покриен  со стада овци. Сега нема ништо. Имаше говеда, а сега е празно, вели Нисев.

Сточарот стравува од нови поплави.

-Кога се случија поплавите веднаш најавија дека од пролет почнуваме да чистиме,  а од тогаш не само што не е исчистено речното корито, туку уште повеќе  е  запустено. Стотина литри дожд паднаа во август  почвата прими бидејќи беше суша. Доколку овие дождови  се случеа  во јануари, пак ќе имаше поплава, вели Нисев.

Смета дека чистењето на коритото не е обврска, туку должност бидејќи  уште  една поплава  ќе биде  погубна  за сите  земјоделци кои се уште ги санираат штетите  и  не закрепнале од тој шок. Фармерите добиле ветување дека сите кои биле оштетени ќе бидат исплатени. Но, останаа само ветувањата.

-Останувам  на ставот дека штета е направена  и тоа не е природна непогода, туку е предизвикано  од човечки  фактор. Браната „Мантово“  била полна  во октомври  и чекале да дојдат такви дождови  и да прелее. Тогаш морало да се испушти  вишокот вода од темелниот вентил  и ја  испуштија и ни направија штета, а ако  редовно се правело испуст (дождовите се во месеците  декември јануари и февруари) тоа немаше да се случи. Никој  до сега не понесе  одговорност  за  предизвиканата штета, истакна Нисев.

Јулија Малинова

 

Слични написи

Back to top button
Close