Странски работници почнаа со работа во земјоделието и млечниот сектор
Првите 6 работници од Индија пристигнаа во Свети Николе, преку српска агенција за посредување и веќе се работно ангажирани во компанија од млечната индустрија. Во меѓувреме неколку македонски агенции се подготвуваат за увоз на работници од средниот и далечниот исток.
Срамежливо започна процесот на увоз на работна сила од странство. Првите 6 работници од Индија пристигнаа во Свети Николе, преку српска агенција за посредување и веќе се работно ангажирани во компанија од млечната индустрија. Во меѓувреме неколку македонски агенции се подготвуваат за увоз на работници од средниот и далечниот исток.
- Тоа ќе биде спас за нашите компании и за нашата економија, затоа што во вакви услови кога младите си заминуваат надвор, единствен начин да ја задржиме домашната економија и фондовите, значи нашите луѓе кои работат да дочекаат пензија е млади луѓе од надвор кои ќе работат и ќе ги полнат нашите фондови. Во суштина тоа го прават сите европски држави и треба да го правиме и ние- изјави Ангел Димитров, организација на работодавачи.
Агенцијата ги обезбедува работните визи и транспортот, а обврска на работодавачот е сместувањето. Странските работници добиваат плата како и домицилната работна сила според систематизацијата на работните места.
- Не може, да речеме, странецот да зема за одредено работно место 200 евра, а вие како Македонец да земате 300 евра. Тоа би било нехумано и незаконски. Значи тие ќе земаат иста плата, со тоа што за трошоците за сместување ќе треба да плаќаат одреден износ на работодавачот- додаде Димитров
Економистите сметаат дека работниците од странство се неминовност за задржување на стопанската активност, но ќе бидат интересни само за некои дејности.
- Се работи за трудоинтезивни гранки, за ниско квалификувана структура на вработени. Мора да бидеме свесни дека поквалификуваните, постручните кадри од страна, не се задржуваат овде кај нас. Свесни сме дека и нашите вработени, ВКВ кадри, бараат шанса и простор да се докажат во странство, во поразвиените држави од Европа, изјави Глигор Ивановски, економист.
Доколку дојде до наплив на увозна работна рака, смета Ивановски, ќе расне и конкуренцијата на пазарот на трудот, што може да доведе до стагнација на платите, кога на сцена треба да стапат синдикатите во заштита на работничките права.https://sitel.com.mk/