
Струмица блокирана од земјоделците, дојдоа со нивните деца – бараат реални откупни цени за пиперката „ајварка“
И денеска земјоделци од Струмичко со земјоделска механизација се собраа во центарот на градот да го искажат незадоволството од откупните цени кои не ги покриваат ни производствените трошоци
СТРУМИЦА- Струмица и денеска е блокирана од големиот протест на земјоделците производители на пиперката – куртовска капија, кои дојдоа со нивните деца. Голем е револтот кај производителите од ниската откупна цена на пиперката за само 25 денари од килограм. И денеска земјоделци од Струмичко со земјоделска механизација се собраа во центарот на градот да го искажат незадоволството од откупните цени кои не ги покриваат ни производствените трошоци. Земјоделците се собраа пред подрачната единица на Министерството за земјоделие во Струмица.
Деца носеа транспаренти со пораки – „Мама’с не ставајте сол во ајварот нашата пот е доволна“, „Колку е откупот на чушки во Дубаи“, „Дајте цена на пиперот да остарам на дедовото огниште“.
Протестите на струмичките земјоделци започнаа од минатата недела.
Протестот беше во организација на Здружението на земјоделци „Месно здружение на млади Муртино” кое објави дека ќе има мало зголемување на откупните цени на пиперката – куртовска капија, но дека протестите ќе продолжат се до исполнување на нивните барања.




