вестиСовети

Шупливо и црно срце – две нарушувања кај компирот

Во тек е вадењето на компирот, така што возможно е во некои кртоли да забележите необични промени, а истите можат да се појават и за време на складирањето. Во продолжение ви ги претставуваме, двете најчести нарушувања кои можат да се појават.

Шупливо срце

Првите симптоми на ова нарушување се манифестираат во вид на мали пеги со кафеава боја, кои се наоѓаат блиску до центарот на кртолата. Со текот на времето се зголемуваат и настануваат шуплини. Нивната големина, варира и главно од централни шуплини се појавуваат пукнатини. Околу рабовите на шуплините се наоѓа ткиво, кое на почетокот е розово, а подоцна станува кафеаво.

Се смета дека, оваа промена на кртолите на компирот, настанува после одредени услови кои предизвикуваат интензивен раст и развој. Некои кртоли, кои имаат повеќе од една шуплина со црна боја, распоредени по целото ткиво, често се последица на долготрајна изложеност на екстремни температури. Многу високите температури, во текот на развојот, складирањето или транспортот, или пак повредите кои настануваат во текот на ладењето на кртолите, може да предизвикаат појава на шупливо срце кај компирот.

Мерки на заштита:

  • Спречете нагло и нееднакво растење на кртолите
  • Применувајте адекватна количина на ѓубриво и вода за залевање на насадите
  • Во текот на складирањето и транспортот овозможете соодветна циркулација на воздухот, која спречува појава на високи температури

Црно срце

Надворешно на кртолите, не се забележуваат никакви промени. Во ретки случаи, може да дојде до појава на розови или црни влажни точки на површината на кртолата. Карактеристичен симптом во внатрешноста на кртолата е потемнување на ткивото, од сиво – црна до мастило – црна боја во центарот (срцето) на кртолата. Некогаш може тоа и да се прошири. Кога ткивото ќе се исуши, станува цврсто и кожесто, а се формираат и шуплини.

До појава на црно срце доаѓа кога изворот на кислород, за потребите на внатрешните ткива, се користи побрзо, отколку што е можен дотокот. Услови, кои можат да влијаат на појава на црно срце, може да настанат за време на поплавување на полето или кога температурата на земјиштето е екстремно висока, во складиштата, кога има лоша вентилација, во транспортот кога настанува прегревање на кртолите или во услови на продолжено складирање на температура околу 0°C. Појавата на црно срце, може да настане кога кртолите се изложени на температури од 41°C до 43°C во траење од 2 часа.

Мерки на заштита:

  • Во текот на складирањето избегнувајте високи температури и обезбедете добра вентилација
  • За време на транспортот не дозволувајте пораст на температурата над 16°C до 21°C
  • Не го складирајте компирот во големи висини над два метри, ако нема добра аерација
  • Во текот на вадењето на компирот, отстранете ги кртолите со што поголема брзина од топлото земјиште
  • Отстранете ги кртолите на компирот од земјата веднаш, доколку вадењето на компирот се одвива при топло време

 

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close