вестиМакедонијаТоп вести

Суша им се заканува на житните култури во Пелагонија

Суша им се заканува на житните култури во Пелагонија

Влијанијата од климатските промени најмногу се чувствува во земјоделското производство.  После доцната есенска сеидба земјоделците се соочуваат со уште еден проблем. Веќе подолг период Пелагонија се соочува со суша. Иако сме на сред зима, нема снег и  почвата е сиромашна  со вода. Земјоделците се загрижени за житните култури, бидејќи нема доволно влага и се плашат дека целата ваква состојба ќе се одрази на приносите.

-Имавме лоша сеидба, нема дожд и фали влага во почвата. Ако продолжи вака ќе имаме големи загуби на пченицата. Моментално се бори со некоја останата влага и ќе биде лошо, вели Панде Дамчевски од с. Оптичари битолско.

Климатските промени влијаат и на извршувањето на агротехничките мерки. Сушниот период е причина и за задоцнетото извршување на прихраната на житариците. Според календарот на активности до сега веќе требаше да биде завршена првата прихрана, велат  стручните лица.

-Сведоци  сме на сушен период без доволно влага во почвата. Во моментов растенијата се во фаза на мирување и немаат некоја посебна потреба завода, но доколку  сушата продолжи и во наредниот период,  секако ќе се одрази врз приносот. Одложена е и прихраната, така што сите овие моменти ќе се одразат на приносот. Се надеваме дека во наредниот период ќе имаме врнежи од дожд и снег и ќе ги  надополнат резервите на вода во почвата , вели Зоран Бардаковски раководител на регионалната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Битола.

За сега нема опасност од измрзнување на културите, но доколку продолжи сушниот период и температурите  паднат под прагот на издржливост во просек од -10степени  тогаш сигурно ќе има оштетувања и ниски приноси. Неопходно е земјоделците да се адаптираат на климатските промени и иако до сега житариците не било пракса да се наводнуваат потребно е да се практикува наводнување. Исто така сушата ќе се одрази и врз пролетните култури што допрва треба да се сеат или садат, вели Бардаковски.

Единствено дожд и снег може да ја спасат реколтата во Пелагонија.

П.Јовановска

.

Слични написи

Back to top button
Close