Сушата во ЕУ „ја движи“ цената на пченицата

Катастрофалната суша во Западна и Северна Европа, па и во Австралија, намалениот принос поради обилните врнежи во големите житници Русија и Украина, се причини за раст на цената на пченицата на светскиот пазар. Последните денови, зголемена е побарувачката на пченицата, така што од вишокот на пазарот, трговците од Србија, можат да имаат и многу поголема добивка од очекуваната.

После четири години релативно стабилно производство на пченица во светот, оваа година неповолните временски услови, предизвикаа намалено производство. Поради сушата, во ЕУ  ожниени се 136,6 милиони тони пченица, што е за 15 милиони тони помалку во споредба со минатата година. Од друга страна, поради обилните дождови, родот е намален во големите житници: Русија, Украина и Романија. Според очекувањата, во Австралија, поради сушата родот на пченицата ќе биди 20 милиони тони, што е за 12 милиони тони помалку од минатата година.

Зголемената побарувачка ја зголеми цената на пченицата

Директорот на „Продуктна берза“ од Нови Сад, Милош Јанјиќ, вели дека зголемената побарувачка, ја зголеми цената на пченицата на светските берзи, а последователно на тоа, ефектот се почувствувал и на домашниот пазар:

„Поради малиот род, од една страна и зголемената побарувачка од друга, цената на пченицата на светските берзи почнала да расте. Така, на Euronext во Париз, цената е за 20% повисока во споредба со минатата година. На берзата во Чикаго, растот е поголем од 17%. Иако, кај нас произведени се над три милиони тони пченица, а квалитетот е понизок од очекуваното, цената бележи зголемување. Тоа зголемување, во однос на периодот на самата жетва, изнесува 9%. Тргувањето на берзата е 18 динари, а за време на жетвата било 16,50 дин/кг без ДДВ“, вели Милош Јајниќ, пренесувајќи ја состојбата според податоците на Продуктната берза во Нови Сад.

Растот на цената на пченицата, делумно е помогнат и од растот на цената на доларот во однос на еврото.

Странските клиенти ја бараат пченицата од Србија

Компанијата Вожд во Сомбор, веќе четвртина век се занимава со производство, откуп и чување на житарици. Директорот Младен Ѓуришиќ, вели дека странските клиенти, последните денови се сè позаинтересирани за домашната пченица.

„За време на жетвата, пченицата речиси никому не му требаше. Меѓутоа, поради сушата во Европа, цената последните денови се зголемила помеѓу 5% -10%. Дури и толку многу не се гледа квалитетот, поважно е истата да се обезбеди. Пченицата ја бараат сите, а најмногу околните земји. Оваа паника, ме потсетува на минатогодишната суша кај нас и побарувачката на пченка и соја. Според моите проценки, ситуацијата ќе се стабилизира за две недели до еден месец“, вели Ѓуришиќ.

Шанса за извоз на вишокот

Директорот на Работната заедница „Жито“, Вукосав Саковиќ, вели дека ова е шанса за извоз на српскиот пазарен вишок на пченица и тој не очекува брза стабилизација на цената на пченицата.

„Растот на цената на пченицата ќе потрае и тој не е завршен. Цената во Европа, ќе се стабилизира во септември, кога ќе бидат познати конечните резултати од жетвата на стариот континент. Се проценува дека од Србија, ќе може да се извезат 1,7 милиони тони пченица и брашно. Растот на цената во светот, нам ни одговара, затоа што за време на жетвата, цената беше ниска. Во последниот еден месец, цената е придвижена за 20 € за тон. Цената на светскиот пазар, кај нас се рефлектира во рок од еден ден. Сите кои не ја продале пченицата, сега се во добивка“, заклучува Саковиќ.

Цената на пченицата на светскиот пазар, би можела да се стабилизира дури за четири месеци, кога ќе се заврши жетвата на пченицата во Австралија и кога ќе бидат познати светските биланси за лебното зрно.

 

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Share Button