Свинска чума

svinji

Свинската чума е заразна болест од која во природни услови освен свињите не заболуваат ниту друг вид на добиток, ниту пак луѓето.

Болеста ја предизвикува вирус. Настапува мошне брзо, во одредени случаи може да дојде дури и до недадејно угинување на животните, без претходни симптоми на болеста. Смртноста е голема и се движи од 70 до 80%.

Дел од симптомите кои покажуваат дека оваа опасна болест се одомаќинила кај свињите се: зголемена телесна температура, намален апетит, целосно одбивање храна или зарипнат глас.

При одење животното чувствува болка поради што се движи со врвот на чапунките, се занесува со задниот дел на телото, изнемоштено е и се повеќе е во лежечка положба.

На почетокот на болеста се јавува запек, кој подоцна се менува со појава на пролив. Карактеристични се промените по површината на кожата со точкасти крварења кои на притисок со прст избелуваат, а подоцна променетите места добиваат темновиолетова боја.

Исто така има појава на изразено црвенило на усните школки, рилото и нозете. Кај спрасните маторици се јавува абортус. Кај болните животни се јавува коњуктивитис со исцедок од очите.

Вирусот од болниот организам се излачува преку исцедокот од носот и очите, урината и изметот. Заразата се пренесува директно при контакт на здраво со болно животно, или идиректно, преку заразени предмети и опрема, инструменти, превозни средства и друго.

Отпорноста на вирусот во надворешната средина е многу мала, така да во урината и изметот се уништува за 1 до 4 дена.

Колењето на болните животни претставува голема опасност за брзо проширување на заразата, поради што се преземаат мерки за сузбивање и искоренување на болеста.

Животните кои покажуваат симптоми на свинска чума се одземаат и убиваат, што значи месото и органите од закланите животни не смеат да се употребуваат за исхрана.

Превентивно, здравите животни се вакцинираат на возраст од 45 до 50 дена, а ревакцинацијата треба да се изврши по 1 до 2 месеци.

 

Петар Трајковски, Советник во АПРЗ

Share Button