fbpx
Вести

Втор циклус грантови за земјоделци во висина до 300 илјади денари за агроеколошки мерки

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион заедно со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) како партнери во Проектот за управување со сливот на реката Струмица, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, објави втор повик за доделување грантови за спроведување агроеколошки мерки.

– По успешното спроведување на првиот циклус на грантови што резултираше со бројни позитивни ефекти за производителите, со овој повик ќе се направат напори за двојно зголемување на бројот на фарми на кои ќе се спроведуваат модерни, агроеколошки практики на производство, велат од Центарот.

Поддршка во опрема и материјали во износ до 300.000 денари ќе добијат најдобрите учесници на обуките кои ќе се одржат во периодот ноември 2017 –  февруари 2018 година.

– Можност да се јават на повикот имаат производителите на овошни култури (сливи, јаболка и круши) и градинарски култури (пиперки и домати) од општините Радовиш, Конче, Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. Обуките ќе се изведуваат во Радовиш – за производителите на сливи, јаболка и круши, во Струмица – за производителите на пиперки и домати (на отворено и затворено), информираат од Центарот.

Од Центарот велат дека во рамки на проектот, за учество на обуката планирано е да се изберат 25 производители на сливи, јаболка или круши (за обуките во Радовиш) и 25 производители на пиперки и домати (на отворено и затворено) за обуките во Струмица. По завршувањето на обуката грант ќе добијат најуспешните 10 производители на овошни култури и 20 производители на градинарски култури или вкупно 30 грантисти.

Пријавата и детали околу критериумите за учество во програмата, може да се најдат на веб страната https://www.rdc.mk/southeastregion/index.php/mk/, а печатени примероци може да се добијат во канцелариите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица и општините Радовиш, Конче, Струмица, Ново Село, Василево и Босилово. Пријавувањето ќе трае до 20 октомври 2017 година.

Проектот за управување со сливот на река Струмица има за цел да воведе сеопфатни мерки со кои значително ќе се подобри еколошкиот статус на водните тела и целокупното сливно подрачје. Во партнерство со локалните земјоделски производители, да се спроведат активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето современи, агроеколошки мерки.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close