fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ангелина Ујгуноска-Не се жалиме од работа, сакаме тутунот реално да се цени и да се плати

Како може една пакета од најевтините цигари да чини 90-100 денари, а еден килограм тутун да ни се плати под цена. Со еден килограм тутун колку пакети цигари се прават - 20, 30?, реагира Ангелина.

Тутунарите од Пелагонија се подготвуваат за новата откупна сезона на тутунот. Големата неизвесност околу откупната цена ги загрижува и подзамислува сите нив, особено што лани имаа катастрофално лош откуп на родот. Семејството на Ангелина и Роберт Ујгуноски од пелагониското село Боротино живее од земјоделие, од производство на тутун и пиперка ајварка.

Нема достапен опис

Ангелина има 35 години, таа е родена во Скадар Албанија, се омажила тука во Пелагонија, а повеќе од 17 години работи земјоделие и чува фарма со крави. Таа зборува македонски како да е родена Македонка, а вели дека ако човек има желба се може да научи во животот и друг јазик и друго писмо, и може да ја научи секој работа иако во родниот Скадар, била градско дете и нејзината фамилија никогаш не работела земјоделие. Со земјоделие и начинот на одгледување на земјоделските култури за прв пат се сретнала во Боротино како млада невеста, па ни шега вели дека кога за прв пат видела леи со расад за тутун си помислила дека се марули.

Нема достапен опис

Ангелина не се жали од животот на село, не се жали од работата и маката што ја живеат секојдневно земјоделците, но жали што земјоделецот не се вреднува, а неговиот производ не се цени реално. Смета дека ниту еден земјоделски производ не е платен според цената на чинење на производството, туку колку да не е за џабе, се предава под цена.

-Маките ни почнуваат од февруари и траат се додека не заврши откупот на тутунот. Цели 100 дена сме на нива и береме тутун, да знаете само колку болат нозете кога се бере тутунот од најдолните листови. Наведнат, подвиткан на температури некогаш и повеќе од 40 степени, како мравки брзаме се да постигнеме навреме. Работиме од 3 и пол часот рано наутро, па се до доцна вечерта. Ни страдаат фамилиите, децата ни се оставени само да постигнеме за гола егзистенција, леб нема време кога да јадеме и накрај откупните цени се катастрофални. Лани тутунот ни го зедоа по 150 денари за кг просечна цена, кога кажувам ми доаѓа да плачам, а без 200 денари за килограм нема аир од производството, вели Ангелина во разговор за Зелена Берза.

Ова тутунарско семејство годишно произведува околу 2.8 тони „жолто злато“. Годинава велат дека се задоволни од квалитетот  на тутунот и единствено посакуваат да имаат реален откуп.

-Тутунот годинава е многу убав, квалитетен, се молиме да имаме добра цена. Нема скапан лист. Цело лето се мачевме и не можеме да поднесеме кога тутунот нема да ни се исплати реално. Како може една пакета од најевтините цигари да чини 90-100 денари, а еден килограм тутун да ни се плати под таа цена. Со еден килограм тутун колку пакети цигари се прават-20,30?, реагира Ангелина.

Семејството Ујгуноски во Боротино обработува и 10 декари црвена пиперка ајварка, а чува и фарма со 10 крави и телиња. Обврска на Ангелина е и фармата, да се нахранат и измолзат кравите да се предаде млекото. Но, како што вели, дневно предава под 100 литри млеко, зашто сите крави не се во фаза на лактација, а му го откупуваат по цена од 15 денари за литар што е крајно неисплатлива.

Нема достапен опис

-Годинава на почеток од откупот добивме убава цена за пиперот од 23 денари до 29 за прва класа, за чисти избришани пиперки, но како течеше времето цената падна на 6 денари за зелените пиперки и 16 за црвените. Затоа велам ако има работа не се жалиме, ќе ја сработиме, ама барем да ни се исплати трудот. Вака ситуацијата ни е многу тешка, накрај имаме деца што мора да ги пораснеме, да ги школуваме, да не ги двоиме од другите деца, да се чувствуваат подолу, вели Ангелина која е мајка на 3 малолетни деца, Николина и момчиња Тоше и Давид.

Нема достапен опис

Сепак, Ангелина е оптимист дека состојбата со земјоделието во нашата држава ќе се подобри, дека трудот и маката на земјоделците ќе се ценат реално, а родот ќе им се откупува по цената на чинење. Зашто како тргнала работата со инфлацијата, поскапувањето на репроматеријалите, земјоделското производство ќе чини се поскапо, а ако не ја добијат реалната цена многу од нив ќе се откажат од земјоделието.

 

Анета Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close