Тетовскиот грав е пред исчезнување, го уништија Малите хидроцентрали и Климатските промени
Малите хидроцентрали кои ги изградија ни ја уништија водата и веќе ретко кој сади грав.
Тетовскиот грав некогаш беше синоним за Тетово, а денес е на пат целосно да исчезне. Сè потешко може да се најде на полошките ниви, бидејќи ретки се земјоделците кои го садат. Климатските промени доведоа до тоа тетовскиот грав да е пред исчезнување, објави sdk.mk
Манифестацијата „Ден на гравот“, која се одржува во тетовското село Теарце, е само еден скромен обид да се сврти вниманието на јавноста дека надалеку прочуениот тетовски грав можеби веќе утре ќе го снема од нашите ниви и нашите трпези. Манифестацијата оваа година се одржа дванаесетти пат, и по традиција собра голем број посетители од Теарце, околните села, од Тетово, а имаше дури и посетители од странство.
Во големиот казан се вареа дваесетина килограми грав кој беше наменет за сите гости на манифестацијата. Повеќе години, гравот за оваа манифестација го подготвува Мирко Ѓорѓевски од Теарце.
„Малите хидроцентрали кои ги изградија ни ја уништија водата и веќе ретко кој сади грав. Ако немаш добра вода немаш ни добар грав. Исто така и топлото време, посебно какво беше оваа година, си го направи своето и го исуши и она малку грав кое го имаше по нивите. Порано, од еден декар се собираше над 100 килограми грав, но денес од нива со иста големина може да се собере најмногу триесетина килограми. Затоа веќе не го садам гравот, едноставно не се исплати ни патот што го одиш до нивата, ни трудот што го вложуваш. На пазар се продава грав и продавачите велат дека е тетовски, но тоа најчесто е грав увезен од Узбекистан или од којзнае каде, кој нема врска со тетовскиот грав“, вели Ѓорѓевски.