fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Трагачи по закопано богатство го „ораат“ Мариово

На удар на дивите копачи се античките локалитети од раната антика. Локалитети на монашки братства и турски бегови, објекти и локации важни во Првата светска војна.

 

Трагачи по богатство, диви копачи и добри познавачи на археолошката слика во државата неповратно го уништуваат нашето археолошко, културно и материјално богатство. Диви копачи го „ораат“ Мариово во потрага по предмети, керамички садови, монети стари со милиони години. Недоволно истражени, локалитетите се оставени на забот на времето. Континуирано се уништуваат и од страна на  несовесните намерници и фирмите кои имаат концесии за експлоатација на минерали.

Тренчо Димитриоски, прилепски новинар, публицист и истражувач на археолошкото културно наследство во Прилепско и Мариово остро реагира на уништувањето на културното и материјално наследство. Документирал многу оштетувањата на повеќе локалитети и комплекси во Мариово и загрижен им порачува на надлежните да преземат поголеми мерки на заштита.

На удар се античките локалитети од раната антика, но и доцната антика од 5 до 6 век. Локалитети поврзани со монашки братства и турски бегови, објекти и локации важни во Првата светска војна. Најпривлечни се локалитетите кај Витолиште, Врчко, Живово, Чаниште, локалитетот Богданова нива, Чебрен кај манастирот, каде има и тврдина од античко време, Зовиќ, Старавина, Црно Буки…

Археолошки локалитет има и во близина на селото Дедебалци, во правец кон Црничани каде се трасира новиот гасоводот.

Трагачите по закопано богатство се водат по народните приказни

Трагачите по закопано богатство го разоруваат Мариово, опремени со детектори и мапи трагаат по артефакти, стари монети и што ли уште не. Една од приказните е и онаа за скриеното злато сопственост на Отоманската банка во Битола. Познавачите, пак, на археолошката слика на Мариово, на материјалната култура во овој предел, одат директно на локалитети, познати и помалку непознати, регистрирани и нерегистрирани. Сите локалитети се нападнати од диви копачи во потрага по богатство.

-Дивите копачи се уште трагаат по вечните приказни за византискиот цар Константин кој пред една од битките пратил свои луѓе на овие простори да скрие на повеќе места одредено богатство за да му се најдат тие средства кога ќе дојде со војската на тие места. Потоа приказната за Отоманската банката во Битола, па како го носеле на добиток богатството од 1,8 тони злато, па го закопале кај Расимбегов Мост, можеби кај Рапешки Мост или на друго место на Црна Река. Трагачите по богатство  со мапи трагаат по некакви приказни за богатство, ги бараат симболите, знаците за да дојдат до богатството. Одат по преданија и приказни од населението. Има и пософистицирани трагачи на археолошки материјал, предмети, монети, од античките или средновековните кралеви. Тоа го прават опремени со апарати, со ровокопач, со разни машини и уништуваат се пред себе, раскажува за „Зелена берза“, новинарот Димитриоски. Според него се уништуваат и споменици од Првата светска војна, во потрага по скриени магацини, воени арсенали, француски коњаци, па дури и вино.

Археолошки локалитети се уништени и со концесиите кои се издаваат на фирми, кои се  занимаваат со експлоатација на гранит.

-Многу локалитети со остатоци од материјалната култура, од различни периоди, особено од праисторијата, населби лоцирани околу карпи  и врвови каде што се наоѓаат минерали, посебно од гранит, се уништуваат со експлоатација на гранит. Тоа е нешто со кое државата не успева да го следи соодветно и да ги заштити таквите културни остатоци, предочува Димитриоски.

Држава мора да го заштити ова раритетно културно наследство

-Проблем е необележувањето на археолошките локалитети од повисоко значење. Нема знак дека тоа е локалитет, освен на некои што има плоча, на пример на манастирот кај Чебрен каде стои дека е споменик на културата заштитен со закон. Локалитетите каде се наоѓаат археолошки и културни остатоци од материјалната култура, се необележани. Дури и каде што има нагласени објекти не се наоѓа начин да се обележат. Мислам дека обележувањето од страна на државата е еден вид заштита. Кога ќе се стави знак дека е заштитено со закон е подруго, барем дел од копачите ќе се воздржат од уништување, вели Димитриоски.

Туѓи витрини красат македонските артефакти

Јавна тајна е дека огромни количини на артефакти стари монети, се изнесуваат од земјата и се продаваат на светскиот црн пазар. Колекционерите не прашуваат за цена, а тоа им оди во прилог на дивите копачи.

-Моите сознанија од терен се дека овие археолошки вредности одат во странство во музеи и нечии приватни колекции кои се во потрага по атрактивни археолошки предмети за нивните збирки, вели Димитриоски, прилепски новинар, публицист и истражувач на археолошкото културно наследство во Прилепско и Мариово.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close