Третина од младите се невработени
„Лабораторија за млади од Западен Балкан“
Невработеноста на младите од Западен Балкан во секоја од земјите е преку 25 проценти. Неусогласеноста на образованието со потребите на пазарот на трудот и потребата од нови ИТ решенија и нов пристап кој ќе ја отслика желбата на младите, со цел формирање исправни политики за вработување, се клучните проблеми кои ги посочуваат младите од регионот, информира Огњен Марковиќ на денешната конференција насловена „Unemployment ‘UNMUTE: A region fit for YOU(th)’“, организирана од Регионалниот совет за соработка (РЦЦ) во рамки на проектот „Лабораторија за млади од Западен Балкан“ на тема невработеност.
Марковиќ, кој е тим лидер на првата Лабораторија за млади од Западен Балкан, во изјава за МИА потенцира дека младите од Северна Македонија како решение за подобрување на нивната положба во однос на невработеноста предлагаат амандмани на постоечкиот Законот за вработување.
– Претставниците од јавните администрации и младите од Северна Македонија работеа на креирање на амандмани на актуелниот Закон за вработување, во смисла олеснување на пристапот на оние млади луѓе кои се невработени, да се регистриаат во одоговорните институции. Во таа смисла се надеваме дека тие амандмани ќе бидат прифатени во скоро време, но и да не бидат, ние сме задоволни и среќни имајќи предвид дека тие амандмани се резултат на повеќемесечно работење на претставниците од различни институции, министерства и Национален совет на млади, изјави Марковиќ.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Будва, во однос на дигитализацијата како дополнителен проблем кој го истакнуваат младите, Марковиќ порача дека земјава треба да го забрза процесот на дигитализација, особено во руралните средини.
– Апсолутно дека треба да го забрзаме процесот. Кога зборуваме за образованието и за вработувањето, дигитализацијата е неопходна и тоа е всушност е едно од клучните решенија на кои работеа младите од Северна Македонија, односно дигитализација во однос на регистрирањето на невработени млади. Во таа смисла низ нашиот проект работиме многу на промоција на дигитализацијата, потенцира тој.
На конференцијата која е продолжение на настанот за почеток на Првата лабораторија за младински политики и Среднорочната конференција, учесниците оценија дека вклученоста на младите во креирањето на политиките е клучна за формирањето економија која ќе биде способна да овозможи подобри услови за вработување на младите.
Пранвера Кастрати, виш експерт за економско и дигитално поврзување, во своето обраќање истакна дека проблемот со невработеноста на младите се зголеми особено по кризата со Ковид пандемијата, но оцени дека доволната вклученост на младите во носењто на политиките, особено преку вакви проекти, ќе даде позитивни резултати за економиите на Западен Балкан.
Според програмскиот менаџер за меѓународна помош во Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Ана Маргарида Маригеса, ваквите проекти се значајни бидејќи, како што рече, „отклучуваат“ многу важни проблеми како што е невработеноста и пред сѐ ги мобилизираат и поврзуваат младите од регионот.
На конференцијата учествуваа млади, како и министри од земјите од Западен Балкан.
Тригодишниот проект за младинска лабораторија за Западен Балкан, финансиран од ЕУ и имплементиран од РЦЦ, кој започна во јануари 2020 година, има за цел да обезбеди можности за младите да учествуваат во одлуките во државата.
Проектот опфаќа шест економии од Западен Балкан и тоа Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.