fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиТоп вести

Трговците го собираат кајмакот, ги откупуваат доматите и пиперките по 40, а ги продаваат по 80 денари за килограм

Како може доматите да се откупуваат по цена од 30 и 40 денари, а на пазарите да се продаваат по дупло повисока цена од 80 денари за килограм? Слична е состојбата и со пиперките кои, во зависност од сортата, се откупуваат по 40-50 денари за килограм – вели Велков за ВЕЧЕР.

На зелените пазари – жешки цени. Доматите и пиперките се продаваат по 70-80 денари за килограм, оризот стигна до 120 денари за килограм, а грав нема под 200 денари. Црвениот кромид чини 90 денари, а жолтиот е нешто поевтин. Овошјето е скапо, а лубениците се продаваат по 30 денари за килограм. Нешто поевтини се праските и сливите, но и нивната цена не е пониска од 60 денари за килограм. Цените на земјоделските производи годинава се повисоки од лани за над 50 отсто поради намаленото производство, но и поради големата заработувачка на трговците. Земјоделците велат дека секоја година е исто, ги откупуваат производите по дупло пониска цена од онаа по која ги продаваат. Така, годинава, откупната цена на доматите е 30-40 денари, на пиперките 40, а на краставиците 30-40 денари за килограм.

Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделците од Струмица, oбјаснува дека во државава само откупувачите имаат ќар, а земјоделците и граѓаните, кои плаќаат далеку повисока цена од онаа по која ги продаваат тие земјоделските производи, се во зијан.

– Откупувачите имаат најголема заработувачка од земјоделските производи. Има голема разлика меѓу цените по кои ги продаваат тие земјоделските производи и онаа што ја плаќаат граѓаните. Како може доматите да се откупуваат по цена од 30 и 40 денари, а на пазарите да се продаваат по дупло повисока цена од 80 денари за килограм? Слична е состојбата и со пиперките кои, во зависност од сортата, се откупуваат по 40-50 денари за килограм – вели Велков за ВЕЧЕР.

Тој вели дека годинава откупните цени се повисоки, но нема количини. Производството во споредба со лани е намалено за 20 отсто, а во споредба со 2021 година е намалено за 40 отсто. Тоа значи дека само за две години земјоделското производство е преполовено.

Има извоз само на оние производи од кои има поголеми количини, и тоа во Србија, Хрватска и во Романија, а земјоделците се надеваат дека нема да има временски непогоди како во Хрватска и во Србија и оти ќе успеат да го спасат барем ова производство што го има по нивите.

Трговците на големо и препродавачите на земјоделски производи ја диктираат цената на зелените пазари. Тие велат дека ако ги набават поскапо, тогаш и тие мора да ја зголемат цената на тезгите. На пазарите сè поретко има земјоделци што продаваат овошје и зеленчук од сопствено производство.

Инаку, цените на земјоделските производи, споредени со истиот период од лани, се повисоки за над 50 отсто. Граѓаните реагираат дека пазарењето на пазарите станува сѐ поскапо. Велат дека за дневните набавки на зеленчук и на овошје, потребни им се најмалку 500 денари. Од маркетите купуваат овошје и зеленчук кога се на акција, а на пазарите одат од тезга до тезга за да купат поевтино.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close