fbpx
ВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Трговијата неизвесна, но не колку земјоделието

Може да живеете поубаво од трговија отколку од обработка на земјоделска површина.Жените во овие средини не се задоволни од приходите во земјоделието  и бараат начин да излезат од тој круг и да заработат со  работа на друго место, вели за „Зелена берза“, Елизабета Голеска од селото Кривогаштани.

Со што е подобро да се занимава човек, трговија или земјоделие? Ова е дилема за која во различни места и различни услови одговорите секогаш ќе бидат различни. Но заедничко  за двете дејности, за да се биде успешен подеднакво се потребни знаење и  вештини, во спротивно како што би нарекол нашиот народ ништо од бизнисот.

Подобрената едукација и информираност кај жените придонесува слободно да одлучуваат самите со што ќе се занимаваат. Така е и во руралните средини.

Ако некогаш трговијата била предодредена за мажите во денешно време има се повеќе жени што се занимаваат со оваа дејност, како основа за егзистенција. Порано како некое непишано правило  жената била предодредена за работапо дома и во земјоделие. Сега работите чекор по чекор се менуваат така што жената се наоѓа и на други работни места надвор од земјоделието. Можноста да се заработи повеќе во друга дејност е главната  причина за што сè повеќе жени од руралните средини почнуваат свој бизнис во трговијата.

Елизабета Голеска од Кривогаштани веќе една година  се занимава со трговија  со колонијална продавница. Иако живее во рурална средина нејзините обврски се само со продавницата и не се занимава со земјоделие. Вели дека животот од некогаш и денес, особено за жените е многу променет и тоа на подобро. Жените имаат можност да се едуцираат, се поинформирани и полесно може да донесат одлука во секоја сфера од своето живеење и се решаваат да почнат свој бизнис.

-Јас сум релативно млада во овој бизнис, но сметам дека предрасудите се бришат. Има се повеќе жени што се одлучуваат за свој бизнис и на жените не се гледа понижувачки, напротив се успешни. Задоволна сум со овој бизнис. Може да живеете поубаво од трговија отколку од обработка на земјоделска површина. Овде во селото има жени кои се занимаваат со земјоделие, но им се исплати само  на оние што имаат повеќе членови во семејството, на помалкубројните  семејства не верувам дека успеваат  да обезбедат приход кој ќе им биде доволен за семејните потреби, вели за „Зелена берза“, Елизабета Голеска.

Животот на жените во руралните средини значително се подобрува, можеби не е како оној во градот, но  тие сè повеќе го напуштаат земјоделието и бараат нови можности за вработување во градот. Ваквите одлуки ги носат сакајќи да се справат полесно со тежината и неизвесноста што ја има земјоделието.

Секоја сезона скоро за секоја култура што се одгледува откупните цени се непознати. Неизвесноста дали колку ќе се заработи е голема. Трговијата  во тој поглед е посигурна, оти секој ќе купи по нешто, се работи за секојдневни потреби и намирници.

-Работата во земјоделието  ја напуштаат и бараат вработување на други места. Жените во овие средини не се задоволни од приходите во земјоделието  и бараат начин да излезат од тој круг и да заработат со  работа на друго место,објаснува Елизабета.

Дали тоа ќе биде работа во некој колонијал, или пак во некоја од ново отворените компании, сеедно само тоа е поисплатливо од земјоделието, вели нашата соговорничка.

Елизабета лично е задоволна од она што го работи и што го има постигнато во Кривогаштани, но смета дека треба уште да се вложува за да може сите да живеат поубаво. За жал женското здружување е на многу ниско ниво и во иднина можеби е добро тоа да се промени, затоа што во тој дел жените може многу да направат само е потребна поголема самодоверба и иницијатива, смета Голеска.

П.Јовановска

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close