ТУТУНАРИТЕ БАРААТ коригирани повисоки цени врз основа на реалните трошоци за производство
Дури и цена од 280 денари за 1 кг сув тутун ќе биде ништо наспроти се повисоките трошоци за живот и се повисоките производни трошоци
Почитувани тутунопроизводители:
Според досегашниот тек на реколтата и информациите од терен кои ги добиваме како здруженија, квалитетот на тутунот од оваа реколта е на високо ниво што уште еднаш ќе се потврди дека не случајно тука на ова парче земја од памтивек се произведувала оваа култура и не залудно го добила името „жолто злато“. Но, за жал и покрај зголемениот број на договори, поради климатските влијанија и катастрофалните политики кои се водеа од страна на МЗШВ неколку години наназад во оваа гранка, мора да констатираме дека приносите кои оваа година реално ги очекуваме е да се задржат на ланското ниво, па поради ова ние како новоформирани здруженија ве известуваме дека ќе испратиме барање до МЗШВ и откупувачите каде ќе бараме да се изготви анекс на договорите за тутун со коригирани повисоки цени врз основа на реалните трошоци за производство како и енормно зголемените животни трошоци во оваа реколта. Доколку МЗШВ и откупувачите имаат за цел оваа култура и во иднина да ја има на македонските ниви и да го задржат ова производство кое бележи негативен тренд и се помалку ќе го има во иднина, треба да го земат во предвид ова наше барање во интерес на трите засегнати страни: држава, производители и откупувачи. И за крај : Само тој што не работел тутун не го знае патот од семе до финален производ, колку внимание, љубов, труд, пот, непроспиени ноќи и финансиски средства треба да се вложат да се произведе 1 килограм сув тутун кој и хипотетички да би достигнал и 280 денари просечна откупна цена, таа вредност ќе биде ништо наспроти се повисоките трошоци за живот и се повисоките производни трошоци.
Со почит. Новоформирани здруженија