вести

Тутунот се откупува по три евра за килограм

Во Прилеп се интензивираат последните подготовки за откуп на тутунот. Тутунопроизводителите имаат проблем со домашната манипулација, зашто годинава нема врнежи, но, сепак, се надеваат дека ќе може да ги подготват и последните килограми и да ги предадат во откупните фирми со кои имаат склучено договори за ланската реколта.

„Задоволен сум од откупната цена годинава, зашто е преку 200 денари за килограм, но сепак, морам да нагласам дека ние го обработуваме тутунот како некогаш кога личеше токму на ’жолто злато‘, иако обработката се смени низ годините. Ние сме горди на нашиот род. Впрочем, ние живееме од тутунот и мора да се грижиме за нашето производство“, вели Миле Трајкоски, долгогодишен кооперант на „Тутунски комбинат Прилеп“.

tutunot se otkupuva po tri evra za kilogram

 

Од комбинатот, како најголем откупувач во регионот, истакнуваат дека досега просечната цена изнесува малку повеќе од три евра за килограм тутун.

„Тутунски комбинат врши откуп на 26 ваги на 15-ина откупни места во градот и во руралните средини. Досега се откупени околу 2.500 тони, а според планот и договорите остануваат уште мали количества тутун кои треба да се преземат од кооперантите. Исплатата на реколтата тече без проблеми, седмиот ден од денот на предавањето“, истакнува директорот на „Тутунски комбинат“, Александар Дерменџиев.

Од годинешната реколта се задоволни и тутунарите од Долненско, најголемиот тутунски регион.

„Откупот тече добро, тутунарите се задоволни, а останува уште 1,1 тони тутун за откуп. Во нашиот регион постигната е просечна цена од 190 денари за килограм. Ако се подобри малку времето, ако заврне, влажноста ќе придонесе за поквалитетна манипулација, а со тоа и повисока откупна цена“, објаснува Муса Ибраимоски, претседател на тутунското здружение „Златен лист“ од Долнени.

И од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија подвлекуваат дека откупот на ланската реколта привршува. На ниво држава, според нивните информации се преземени околу 16.700 тони.

„Овие околу 1,1 тони тутун што остануваат се од регионот на Прилеп, Кривогаштани, Добрушево, Долненско. Во Битола откупот веќе заврши, а во источна Македонија можеби има уште малку количества во Радовишко. Според нашите процени, кампањата ќе заврши до крајот на февруари, иако законскиот рок е 15 март, а просечната цена изнесува околу 185 денари за килограм. Тутунарите се задоволни од цените, а малите проблеми во процените на родот се надминати“, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Ланската реколта на ниво на држава тежи околу 20.000 тони, а на исто ниво се очекува оваа култура да биде засадена и годинава.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close