Виното „Розе“ на „Стоби“ ги освои критичарите на „Вашингтон пост“

Виното „Розе“ од бербата 2017 на винаријата „Стоби“ се здоби со многу значајно признание од влијателниот американски весник „Вашингтон пост“, кој на своите читатели, непосредно пред Денот на благодарноста, им го препорача како исклучително квалитетно вино кое е идеално за претстојната празнична сезона. И покрај тоа што станува збор за вино кое поттекнува од релативно непознат вински регион за винските љубители во САД, Македонија, весникот потенцира дека ова вино нуди уживање за сите сетила по одлична цена.

– Ова е невообичаено вино и тоа не само затоа што не гледаме многу вина од Македонија. Тоа е мешавина од бело р‘кацители грозје (кое изворно потекнува од Грузија) и од балканскиот црвен вранец. Миксот е многу вкусен, како полна кошница од свежо набрани бобинки со нота на цитрус – пишува „Вашингтон пост“.

Препораката добиена од реномираниот весник е уште една во низата признанија кои вината на винаријата „Стоби“ ги добиваат низ светот, особено на меѓународните натпревари каде што оваа винарија редовно освојува највисоки награди. Доказ за врвниот квалитет се и доделените високи оценки за три вина: „Ркацители“ (берба 2016), „Жилавка“ (берба 2016) и „Вранец“ (берба 2015), од страна на еден од највлијателните вински критичари во светот, Марк Скваерс, во неговата рецензија што ја објави во еминентниот вински магазин „Wine Advocate“.

Винаријата „Стоби“ веќе неколку години е присутна на американскиот пазар каде што се наметна како лидер во извозот на флаширано вино од Македонија.

– Препораките од реномирани критичари и медиуми во САД за нас се уште една потврда дека успешно се пробиваме на еден од најголемите светски пазари и дека напорната работа во изминатите години носи одлични резултати. Иако станува збор за релативно непознат вински регион за тамошните потрошувачи, внимателно одбраната понуда на Стоби вина во комбинација со квалитет и префинет вкус, полека, но сигурно го наоѓа својот пат до срцата на љубителите и познавачите на вино – велат од винаријата „Стоби“.

 


 

novamakedonija

Share Button