fbpx
Вести

Бисквитите се закануваат да го симнат тутунот од тронот на најизвезуван земјоделски производ од Македонија

biskvitite se zakanuvaat da go simnat tutunot od trnot na najizvezuvan zemjodelski proizvod od makedonija

Бисквитите и вафлите сериозно му се закануваат на тутунот да го симнат од тронот на најизвезуван македонски земјоделски производ. Официјалните бројки велат дека за пет години најверојатно наместо по вкусот на тутунот и виното, странците ќе н` препознаваат по вкусот на колачите. Статистиката вели дека лани најзначајни извезени македонски земјоделско-прехранбени производи биле непреработен тутун, а веднаш по него се бисквитите и вафлите. Виното е на трето место, а до него се конзервираното овошје и зеленчук. Маслото од семе од сончоглед е со учество од 3,6 проценти и е на петто место, а јаболката на шесто. Следуваат пиперките, па трпезното грозје, зелката и на крајот е јагнешкото месо.

Според податоците од Групацијата на кондиторската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Извозот на македонски кондиторски производи се зголемува од година на година, па во 2000 година тој бил 4.700 тони, во 2010 пораснал на над 10.000, а во 2015 година на 13.200 тони. Процентуално, за пет години извозот на вакви производи пораснал за дури 32 отсто.

Во Министерството за земјоделство велат дека во 2015 година, вкупната трговска размена во споредба со 2014 година е зголемена за 6,7 проценти. Извозот на земјоделско-прехранбените производи во 2015 година во споредба со 2014 е на исто ниво од 486 милиони евра.

Вкусот пресуден

Иако официјалните бројки велат дека најмногу сме извезле катализатори – за 663,9 милиони евра во 2015 во Германија или машини и апарати за филтрирање и пречистување – за 426,9 милиони евра, извозот на аграрни производи од 486 милиони евра е задолжен за добрата меморија кај странците.

– Најзначајни извезени македонски земјоделско-прехранбени производи во 2015 година се: непреработен тутун (со учество од 17,8 отсто од вкупниот извоз), бисквити и вафли (10,9 отсто); виното ( 8,1 отсто), конзервиран зеленчук (7,7 отсто), масло од семе од сончоглед ( 3,6 отсто), јаболка ( 3,6 отсто), пиперки (3,3 отсто), трпезно грозје (3,0 отсто), зелка (2,6 отсто) и јагнешкото месо со учество од 2,6 отсто – велат во Министерството за земјоделство.

Експертите тврдат дека во последно време се менува структурата на извозот, но се уште е пресуден вкусот.

– Добриот мирис на зеленчукот и овошјето од Македонија и препознатливиот вкус се главна реклама за нас, по која не знаат секаде во светот. Можеби во бројка тој не е најголем, но сите н` препознаваат по доматите, кромидот или црвеното вино- изјави неодамна за „Дневник“ Драги Димитриевски, декан за Факултетот за земјоделство и храна. Според него, во последно време с` повеќе се препознава и македонското црвено трпезно грозје, но и ресенското јаболко во Русија.

И конзервирано и свежо

Според официјалните бројки, може да се види дека секоја земја увезува различни македонски земјоделски производи. За едни пресуден е бостанот, за други конзервната индустрија. Во Чешка најмногу има македонски бостан и дури 28 отсто од извозот на лубеници и дињи завршиле на нивниот пазар. Во Бугарија лани завршиле 40,4 отсто од пиперките произведени на македонските ниви, како и 20 отсто од нашата зелка, а Србите изеле 36 отсто од македонските домати. Најзначаен партнер во трговијата со земјоделско-прехранбени производи ни е Европската Унија, а втор партнер се земјите членки на ЦЕФТА со вкупна вредност на трговската размена 371,5 милион евра. Гледано по земји, најмногу земјоделски производи извезуваме во Србија, 76,9 милиони евра, потоа во Kосово – 38,7 милиони евра, во Грција – 36,1 милиони евра и во Хрватска – 36 милиони евра. Во Германија има извоз од 32,9 милиона евра, а во САД – 28,9 милиони евра.

ЕУ наш најголем пазар

Во Министерствата за економија и за земјоделство велат дека нашиот најголем партнер останува Европската Унија, на второ место се земјите од регионов (ЦЕФТА), а извозот на фероникел ја прави Kина еден од нашите најголеми извозни пазари и е на трето место. Од земјите од регионов Србија ни е прв пазар со вкупен извоз од 185 милиони евра, а Kосово е на второ место.

Тагови

Слични написи

2 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close