Во Чигоч, првото европско село на штркови, има повеќе штркови од жители!

(Oвој напис е објавен на: July 10, 2018)

Во рамките на одбележувањето на Денот на штрковите во Чигоч, претставници на Центарот за рехабилитација на животни кој делува во состав на Здружението за згрижување на диви животни AWAP од Запрешиќ, пуштиле во природа четири рехабилитирани штркови.

Во Чигоч, европското село на штркови на подрачјето на Паркот на природата Лонско поле кај Сисак, се одржа традиционалната манифестација „Ден на штрковите“ со богати културни, рекреативни, забавни и гастрономски содржини.

„Селото Чигоч е првото европско село на штркови, кое како такво е прогласено во 1994 година и секоја година во овој летен период на крајот на јуни, се реализира манифестацијата Štrokovo“ која името го добила според хрватскиот назив за штрк (во машки род). Овде е исклучително поволен простор за живеење на штровите кои се во соживот со луѓето, имаат храна во изобилство, условите за живот им се идеални, така што и плодноста е исклучително голема“, вели Давор Анзел, водител на инфоцентарот во Чигоч, кој делува во рамките на установата Парк на природата- Лонско поле и додава дека во тоа село има повеќе бели штркови, од жители.

Во Чигоч, 73 млади штркови во 23 гнезда

Тоа го потврдува и неговата колешка Валерија Хима, стручен водич во Паркот на природата Лонско поле: „Оваа година на подрачјето на Паркот на природата Лонско поле, евидентиравме 95 активни гнезда, едно помалку во споредба со минатата година. Она што ја издвојува оваа година од минатите е големата успешност на гнездењето. Имаме дури 11 гнезда со по 5 млади штркови, што е многу добро и во просек за целиот Парк на природата имаме по 3 младенчиња по гнездо.

Во самото село Чигоч, имаме 23 активни гнезда и во нив 73 млади штркови, во четири гнезда по 5 млади“, задоволна е од состојбата Валерија Хима. Предупредува дека, стабилноста на гнездата ја нарушуваат бури со многу дождови, вознемирување од други парови штркови, намалените активности на луѓето во руралното место, зарастувањето на ливадите и пасиштата. Се тоа, влијае и на постепено намалување на бројот на штркови во тој дел на Посавина.

Во рамките на одбележувањето на Денот на штрковите во Чигоч, претставници на Центарот за рехабилитација на животни кој делува во состав на Здружението за згрижување на диви животни AWAP од Запрешиќ, пуштиле во природа четири рехабилитирани штркови.

Најчесто страдаат младите птици

„Овие се штркови од минатата година. Сите животни коои ги преземаме во есен не ги пуштаме во текот на зимата, затоа што тогаш за нив условите се многу неповолни. Во природа, почнуваме да ги враќаме во април, следната година, со надеж дека тогаш подобро ќе се снајдат. Овие кои денес ги пуштивме, би требало да успеат, затоа што тие самостојно јадат, беа сместени во летници со димензии 12×12 метри високи и 7 метри и во нив вежбаа летање. Сега им треба малку време да се навикнат на самостоен живот во природа. Некои веднаш летаат одлично, а други повеќе одат. Што се однесува на Чигоч, ренџерите од Паркот на природата Лонско поле ги следат одредено време, за да видат дали навистина се аклиматизирале“, вели ветеринарката Ингеборг Бата, претседателка на Здружението за заштита на диви животни AWAP.

Таа додава, дека нивниот Центар ги згрижува сите видови диви животни: птици, рептили и цицачи, но 70% од тие животни се диви птици, најчесто штркови или грабливци. Меѓу нив, најчесто се младенчиња кои паѓаат од гнездата, или некој ги нападнал, додека возрасните животни имаат сериозни повреди: прострелни повреди, скршени крилја, а многу често тие животни страдаат и од возилата во сообраќајот.

Младите се запознаваат со животот на семејството бели штркови

Дел од шестдневниот престој во Паркот на природата Лонско поле, младите ученици – фотографи од ОУ Антун Немчиќ Гостовински“ од Копривница, им го посветија на штрковите.

„Во селото Крапи во Лонско поле, Хрватскиот фотосојуз има традиционална куќа во која често се организираат фотоработилници, а една е за овие ученици од Копривница. Денес, посебно им се посветивме на штрковите, младите ликовно се изразуваа со правење на сувенири и задоволни сме како тие го доживуваат  Чигоч, како и цело Лонско поле, кое не опкружува. Овде не е важно само да се одбере добра фотографија, важно е да се запознае животот на семејствата штркови, да се види како се хранат, како се капат и се друго што се случува во семејството на овие убави птици, а потоа да се посегне по фотоапаратот и тоа да се забележи“, вели Злата Медак, водителка на Програмата работа со млади при Хрватскиот фотосојуз.

Во Чигоч има повеќе штркови од жители

За жал и европското село на штрковите, Чигоч, ја доживува судбината на многу други во Хрватска. Испразнето е, така што моментално во него живеат само седумдесеттина жители, а штркови се стотина (во селото има 74 куќи, но многу од нив се празни). Некогаш, местото било полно со живот:

„Според првиот попис на населението во Чигоч, некаде во 70 те години на 19 век во тоа село во 27 куќи живееле дури 315 жители. Некои семејства имале и по 25 членови. Имајќи предвид, дека тоа биле главно сиромашни семејства со многу деца, немале пари за плаќање даноци ( а се плаќало според оџак на куќа), Чигочани се бореле на разни начини со тие даноци – не граделе оџаци на куќите!“, вели Давор Анзел.

Иво Жиниќ, жупан на Сисачко – мославичката жупанија, ги пофали организаторите на „Денот на штрковите“ и истакна дека заеднички мораат да работат на што поголема промоција на убавината на тој дел од Хрватска, со што создаваат услови за повторно заживување на тој дел на Посавина, односно населбата во паркот на природата Лонско поле.

„Ние кои живееме тука често не ја забележуваме целата убавина на природата која ја нуди Лонско поле, па и луѓето кои остануваат во тоа село тоа не го забележуваат. Но, многу кои доаѓаат од различни страни на светот, па и денес на оваа манифестација имавме неколку туристи од Австралија и Америка, кои се свесни за вредностите на тие природни убавини. Затоа, ќе вложиме уште поголем напор, со цел Лонско поле да стане место во кое ќе доаѓаат туристи, но и место во кое ќе може да се живее“, рекол жупанот Жиниќ.

Тој нагласува дека мештаните кои живеат таму, мораат да научат да живеат од производство на храна, од услуги за туристи, а со тоа да го потпомогнат и развојот на овој крај. Во тоа, како што ветува тој ќе им помогне и жупанијата и државата. Со враќањето на жителите и заживувањето на селото, што барем засега е многу неизвесно, во Чигоч би можеле да се вратат многу повеќе штркови, затоа што тие отсекогаш биле во соживот со луѓето.

Што е со штрковите од Драгалиќ?

Пред извесно време, медиумите пишуваа за штрковите кои биле убиени во Драгалиќ, пред семејната куќа на Љубица и Иван Хиле. Вториот ден, после падот на гнездото, работници од новоградишкиот погон ХЕП поставиле цврста метална платформа на електричен столб и вратиле дел од гнездото на него, а претставници на Јавната установа за управување со заштитени подрачја и други заштитени делови на природата од Бродско – посавската жупанија, истиот ден ги пренесле 2 преживеани млади штркови во Центарот за згрижување на заштитени животни во Рушчица, кај семејството Милец, каде што добиле нов дом.

Родителите на настраданите штркови, досега не се вратиле во обновеното гнездо. Љубица вели, дека понекогаш ги гледаат на околните покриви и други куќи во местото. Се надеваат дека ќе се вратат следната година.