fbpx
ВестиРурален туризамТоп вести

Во финална фаза реконструкцијата  на патот до Маловиште

Реконструкцијата на патниот правец од селото Кажани кон селото Маловиште, во должина од 4 километри е во финална фаза. Во посета на местото на изведба на градежните активности беа директорот на АФПЗРР Николче Бабовски и градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

 

„Вредноста на инвестиција во овој патен правец е над 16,2 милиони денари. Преку овој проект овозможуваме жителите на населените места Кажани и Маловишта  да имаат квалитетна инфраструктура со која ќе се обезбеди брз проток на добра и услуги, а граѓаните добиваат уште еден квалитетен пристапен пат до Националниот парк Пелистер. Во Општина Битола, со грант од Програмата за рурален развој ќе се реализираат 5 проекти со вкупна вредност од 36 милиони  денари. Со задоволство може да истакнам дека средствата од Програмата за рурален развој, овозможуваат рамномерен регионален развој на  Република Северна Македонија. Со реализација на околу 200 капитални инвестиции низ целата држава со вкупна вредност од 38 милиони евра, покажуваме дека како Влада  обезбедуваме  квалитетни услови за живот на сите граѓани без разлика дали живеаат во урбани или рурални средини“, рече директорот на АФПЗРР Николче Бабовски.

Селото Маловиште е сместено во рамките на Националниот парк Пелистер, во прекрасна природа и опкружување, со што на сите жители им се отвора нова можност за развој на рурален и планински туризам.

„Во оваа инвестиција општината учествува со над 6 милиони денари. Ако ги земеме сите досегашни зафати кои сме ги направиле во Потпелистерието, вложени се над 1 милион евра, односно над 10 милиони денари во пречистителната станица, во колекторскиот систем Трново-Магарево над 21 милион денари, потегот кон Кажани е во вредност од 13 милиони денари. Станува збор за суми кои што зборуваат за сериозно вложување во инфраструктурата кон Потпелистерието и кон планината која што е наш благодет и природен ресурс. Сепак, за да зборуваме за развој на планинскиот, селскиот и манастирскиот туризам многу е важно да имате квалитетна инфраструктура. Покажавме дека како локална и како централна власт имаме кооперативност во делувањето, во интерес на граѓаните. Во тек е тендерска постапка за реализација на коловозот од Црвени Петли до трафостаницата во селото Трново, во висина од над 24,7 милиони денари, што значи дека оваа власт продолжува да се движи во насока на подобрување на инфраструктурата“, посочи градоначалничката Петровска.

Локалното население од селото Маловиште изрази задоволство од проширувањето и асфалтирањето на патниот правец до нивното село, кое, особено во летните месеци е вистинска туристичка атракција, во кое освен местоположбата, посетителите уживаат и во локалната препознатлива храна. Месната заедница од ова потпелистерско село им додели благодарници на директорот Бабовски и градоначалничката Петровска.

Слични написи

Back to top button
Close