Во маркетите не треба да се купува масло за јадење во пакети
Масло за јадење во нашата држава има, вели Бектеши.
Производителите на масло за јадење во државата имаат доволно залихи и суровини и во континуитет и непречено се одвива снабдувањето со суровини за производство на масло за јадење. По предлог на Секторот за трговија во Министерството за економија и врз основа на разговорите што ги имав со производителите и трговците пратив известување дека од денеска не треба да се продава масло за јадење во пакети или палети во маркетите и кај трговците на мало, посочи вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.
-Масло за јадење во нашата држава има. Се прават соодветни контроли и доколку не се пушта масло во малопродажба тоа е недозволиво согласно Законот за заштита на потрошувачите. Денеска разговарав со сите производители на масло за јадење и со повеќето национални синџири на трговци во нашата држава и беше посочено дека за повеќе од два пати е зголемена побарувачката во однос на просечната потрошувачка од минатите години и од претходните месеци. Тоа значи дека непотребно се купува масло за јадење. Ако се купува масло за јадење на пакети или палети трговците треба да го известат Државниот пазарен инспекторат за да се преземат соодветни чекори, рече Бектеши во емисијата Топ тема на Телма.
Непотребното купување на големи количини масло за јадење, како што истакна, може да ја влоши состојбата и да влијае на цената заради зголемената побарувачка, а понудата останува согласно сите проценки кои биле направени од страна на производителите и трговците кои увезуваат рафинирано масло за јадење. Според него, купувањето големи количини масло за јадење од маркетите се прави или за шверц и трговија или,пак, за извоз од земјава и препродавање на сивиот пазар.
-На трговците на мало им препорачуваме во овој период да продаваат масло за јадење согласно просекот што е потребен за едно домаќинство, односно максимум три литри месечно согласно податоците кои ги добиваме од анализите на Државниот завод за статистика. Сега само во регионот на Струга и Охрид имаме речиси три пати поголема потрошувачка на масло за јадење од претходно. Како Влада и Министерство за економија сакаме да ги користиме сите механизми за да имаме редовно снабдување со суровини и со готови производи со цел граѓаните да имаат можност да купуваат производи кои им се потребни, рече Бектеши.