fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Во тетовска Брвеница село познато по производство на „тетовско јаболко“, откорнати се над 80 % од јаболковите насади

Како што се одвиваат работите од година во година, ни малку не е неочекувано брендот „тетовско јаболко“, целосно да исчезне. За да станат работите појасни, колку за пример ќе ја наведеме тетовска Брвеница.

Во ова населено место има речиси над 1 000 домаќинства, а живеат над 5000 жители. На времето пред околу 4 децении, во ова село како што раскажуваат постарите жители, секоја фамилија имала засадено јаболкови насади и практично секоја фамилија егзистирала од тие јаболкови насади. Сега тие што се занимаваат со оваа дејност, се бројат на прстите од едната рака.

Од одгледувањето на тетовската јаболка мештаните се откажуваат, затоа што овој производ со години нема пласман, проблем кој никако да се реши.

-Катастрофа е со тетовското  јаболко. Сега секое семејство има јаболкови насади засадено, но само во својот двор, по две три дрвца колку за себе, а останатите се можеби едвај четири до пет семејства кои имаат овоштарници. Тие немаат заработка, но не се откажуваат приврзани се со јаболката, им е жал да ги откорнат. И јас имав неколку декари засадено со јаболка и мене ми беше жал, но морав да ги корнам и моите соседи ги искорнаа, затоа што друг избор немаме. Ќе ти роди јаболката добар род и добар квалитет, ќе дадеш пари за одгледувањето и на крај нема каде да го продадеш, изјави  Благоја Јовчески жител на Брвеница.

 

Порано проблем беше ниската откупна цена, сега никој не покажува интерес за јаболката

 

Мештаните околу две децении се соочуваа со ниската откупна цена. Но и со пласманот во минатото состојбата не била за пофалба, но пак на крај од сезоната се наоѓале купувачи, претежно од Србија Бугарија и Русија. Сега велат јаболко производителите никој не доаѓа како што се вели и за без пари да му ги дадеш јаболката.

Драгољуб Зафировски е еден од неколкумината кои се уште и покрај лошата состојба, на своите парцели има јаболкови насади. Вели дека доста насади откорнал, има останато уште два декари засадено со тетовскиот бренд , но се мисли што понатаму со нив. Треба и тие да се откорнат затоа што ми носат само загуби, но емоционално сум поврзан со нив, вели тој.

-И лани се мислев да ги откорнам јаболковите насади кои ми останаа на двата декари површина, но се откажав. И на крај јаболката завршија во реката Вардар. Годинава е уште полоша состојбата со јаболката, нема ниту некој да дојде да праша колку се продава, дали имаме јаболка. И ние не знаеме, не сме ја утврдиле цената колку да ја продаваме , затоа што знаеме со искуството од претходните години не се продаваат јаболката, бадијала да утврдиш цена. Некој да дојде и за неколку денари од килограм да ни понуди, би му ги продале јаболката, само да не се фрлаат, ама еве никој не доаѓа. Сега ги продаваме јаболката на мало, некој ќе дојде ќе земе, ама тоа не е ништо, јас во магацинот имам 10 тони јаболка, нема ниту пола тон да продадам, вели Драгољуб Зафировски.

 

 

Без помош од државата околу пласманот, се доведува во прашање опстанокот на брендот тетовско јаболко“

 

Проблемот со пласманот на тетовските јаболка е стар веќе две децении. Но засега нема никаква реакција, ниту најава за било каква помош од надлежните. Јаболката сега се продаваат во многу мали количини без организиран откуп, а тоа што ќе остане најверојатно како и изминативе години, ќе заврши низ тетовските реки и депонии.

Зоран Димовски

 

 

Слични написи

Back to top button
Close