вести

Во земјава лани увезени речиси 2 милиона бумбари од Холандија и од Словачка

Станува збор за бумбари познати како „бомбус терестрис”, кои се користат за опрашување во затворен простор во пластеници, оранжерии и овоштарници покриени со мрежа. Тој во природна средина живее низ цела Европа, а го има и кај нас на отворено.

vo zemjava lani uvezeni rechisi 2 miliona bumbari od holandija i od slovachka

 

Македонија лани увезла речиси два милиона бумбари од Холандија и од Словачка. Станува збор за бумбари познати како „бомбус терестрис”, кои се користат во процесот на опрашување во пластеници и оранжерии, најмногу кај ран домат, но и кај другите градинарски култури. Цената на една кутија од овие инсекти е околу 100 евра, а бројката на бумбари што ја има внатре варира и зависи од старосната структура на инсектот. Методата на опрашување со бумбари во ЕУ се применува , од пред дваесетина години. Земјоделците велат дека со овие бумбари опрашувањето е целосно, а плодовите не се деформираат како при опрашување со пчели или мануелно со готов полен. Според Извештајот на Агенцијата за храна, само за една година во земјава влегле 996.059 бумбари од Словачка и 843.200 од Холандија.

Еколошко производство

Фармерот од Струмичко Данаил Паланков вели дека за методата слушнал пред неколку години и самиот ја користел додека одгледувал домати. Вели дека со бумбарите го опрашуваат секој цвет, a резултатите се квалитетни и правилни домати, кои ги бара пазарот.

Една кутија е околу 6.000 денари, но се исплати да се купи. Бројот на бумбарите што се пуштаат во еден пластеник е различен и зависи од нивната старост, но и од големината на оранжеријата, од бројот на садниците и од сортата што е садена. Додека имав домати, опрашувањето беше само со овие бумбари вели Паланков. Според него, најлесно е да се увезат од Холандија.

– Таа е голем производител на овие бумбари во затворени простории. Речиси целото раноградинарско производство кај нив се опрашува со инсекти. Методата е добра, но не гледам причина зошто не се произведуваат кај нас кога бумбарот го има и во природна средина вели Паланков.

Заменикот на директорот на Агенцијата за храна, Абдулезел Догани, вели дека кај нас бумбари увезуваат две фирми.

– Тие се користат за опрашување во оранжерии при производство на раноградинарски производи. Животниот век им е краток, по завршувањето на опрашувањето истите умираат во самите оранжерии. Поволноста од нивно користење е што придонесуваат за еколошко производство вели Абдулезел Догани.

Целосно опрашување

Професорката по ентомологија, Станислава Лазаревска, од Факултетот за земјоделство и храна, вели дека користењето на овие бумбари во аграрот дава одлични резултати.

Тоа се инсекти од родот „бомбус терестрис”, кои се користат за опрашување во затворени простории. Во светот се користат за растенија кај кои оплодувањето оди тешко. Бенефицијата е голема. Се опрашуваат најголем дел од цветовите, со што се добиваат и повеќе плодови од класичното оплодување. Многу се значајни за т.н. самооплодни култури. Кај нас засега се користат само кај градинарските и тоа најмногу кај доматите вели Лазаревска. Инаку бумбарот во природна средина живее низ цела Европа, а го има и кај нас на отворено, но бројката е многу мала. Затоа и се увезува.

Самиот бумбар им припаѓа на родот пчели, но не произведува мед, туку единствена добра страна му е можноста за опрашување.

Нивното организирано производство почнало во 1987 година, прв пат во Белгија. Во Холандија прв пат почнале за опрашување да се користат следната година. Во почетокот со нив се опрашувале само 3 отсто од посевите, а потоа за неколку години опрашувањето со овој инсект се користело во 95 отсто од посевите. Денес во ЕУ се користи и кај најголем број овошки заштитени со зелени мрежи. За овој тип бумбар интересно е тоа што секогаш оди од долните кон горните цветови и никогаш не посетува еден ист цвет. Во една минута посетуваат 20 до 30 цвета. Ако цветот е опрашен, на него се гледаат кафеави точки, а бојата на цветот што бил посетен од инсектот се менува за неколку часа. Докажано е дека доколку во насадот се користат овие бумбари за опрашување, приносот се зголемува за 3 до 10 отсто.

Увезени близу 200 тони полжави

Во Агенцијата за храна велат дека за истиот период лани во земјава влегле и 195 тони на полжави, кои се користат како суровина за производство.

Полжави увезува една фирма и тоа како суровина за производство на готов производ, кој понатаму се извезува во Европска Унија вели Абдулезел Догани, заменик на директорот на Агенцијата за храна.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close