Во земјоделството има најмногу работници на црно!
Неформалните работници се доминантни меѓу неплатените семејни работници, од кои 93,5 проценти се неформални. Речиси 60 проценти од нив работат во земјоделството.
Најновата студија на Институтот за економски анализи Finance Think покажува дека целосно непријавените работници во земјава не се клучната и доминантна форма на сивата економија! Неформалните работници се доминантни меѓу неплатените семејни работници, од кои 93,5 проценти се неформални. Речиси 60 проценти од нив работат во земјоделството. Податоците од анализата велат дека 30,8 проценти од работниците во фирмите со помалку од 10 вработени изјавиле дека се неформални. А дури 11,8 отсто од сите вработени во земјава се неформални или работат на црно.
Институтот за економски и политички истражувања Finance Think објави анализа која дава увид во специфичните димензии на неформалната економија, а тоа се неформалните работници, непријавената работа и нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата. Неформалните работници претежно се наоѓаат во секторите земјоделство, градежништво и трговија. Тие обично работат во рамки на мали претпријатија и функционираат како самовработени поединци или неплатени семејни работници, често заработувајќи плати кои паѓаат под законски задолжителната минимална плата. Во истражувањето се наведува дека оваа категорија работници првенствено опфаќа мажи со пониско ниво на образование отколку жени во различна демографија. Дополнително студијата нуди увид во областа на непријавената работа, која не ги опфаќа само неформалните работници туку ги вклучува и неформалните практики на формалното вработување.
„Проценките покажуваат дека непријавената работа сочинува приближно 21,1 проценти од вкупниот инпут на работна сила или 69,7 милијарди денари во однос на бруто додадената вредност. Оваа превалентност се протега низ различни сектори, особено покажувајќи доминантно присуство во преработувачката индустрија, каде што значително придонесува во однос на инпутот на работна сила и БДВ. И покрај високите проценти на непријавен инпут на работна сила забележани во одредени сектори како што е градежништвото (48,2 проценти), целокупното влијание врз даночните приходи на државата и понатаму е ограничено поради нивната помала големина во економијата. Интригантно е што наодите нагласуваат различни манифестации на непријавена работа во секторите, при што преработувачката индустрија во голема мера вклучува нецелосно пријавување на платите наместо неформални работници, а секторите како што се градежништвото и трговијата на големо/мало имаат значителни размери на самовработување, па оттука и голем дел од неформалните работници. Во однос на нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата, анализата ги истакнува острите разлики меѓу различните видови приходи. Вкупно, непријавени се околу 9,7 милијарди денари (157,8 милиони евра). Приходите од вработување покажуваат умерена стапка на нецелосно пријавување од 3,7 проценти, што претставува 70% или еднакво на 6,8 милијарди денари (110,6 милиони евра) од вкупните загуби во државните приходи“, се наведува во истражувањето, објавува https://denar.mk/