За прв пат земјоделците ќе можат да купат трактори со државни пари

(Oвој напис е објавен на: May 15, 2019)

 

Оваа година за прв пат земјоделците можат да добијат субвенции за градежна механизација трактори преку Националната програма за рурален развој. За оваа мерка се предвидени 60 милиони денари. Секој земјоделец за да ја добие помошта треба да исполни одредени услови. А за нив ќе се врши и бодирање. Земјоделците треба да аплицираат електронски, а на располагање им стои Агенцијата за поттик и развој на земјоделието.

За оваа мерка можат да аплицираат сите баратели кои не добиле во изминативе 5 години по ниедна мерка или програма трактор, а тие што имале субвенција за трактор тие немаат право на апликација. Основен услов е да секој барател има регистрирано капацитети и отворено регистар во Министерството за земјоделство. Може да биде како физичко лице, трговско друштво или задруга, сите тие имаат право да аплицираат. Основни документи што треба да ги даде апликантот е понуда за каков трактор станува збор, треба да завери изјава дека во минатите 5 години нема остварена помош по основа на земање на трактор и треба да се направи бизнис план по основа на економска активност на земјоделското стопанство. Овие се три основни документи ,но барателот електронски треба да ги достави овие документи до платежната агенција, истакна Петре Петрески раководител на Агенцијата за поттик и развој на земјоделието подрачно одделение Тетово.

Предност за оваа мерка имаат тие апликанит кои ќе добијат најмногу бодови.

Ако апликантот е млад или жена тие во старт добиваат 30 бода. Предност имаат тие што сакаат да земат трактор од 600 000 денари тие добиваат 70 бода, потоа како расте инвестицијата се намалуваат бодовите. Ако има баратели со исти бодови тогаш се гледа кој најпрвин ја доставил апликацијата.

Инаку оваа мерка е со принцип на кофинансирање и се подржува со 50 % од вредноста на тракторот, но истата се зголемува во зависност од барателот. Ако тој живее во средини каде има отежнати услови над 700 метри надморска височина тие добиваат 60 бода ако е млад во тоа подрачје тогаш тој добива 65 % од вредноста на инвестицијата.

Најголем проблем на  апликантите според Агенцијата за поттик и развој на земјоделието е тоа што не секој од нив може да го исполни условот кој се бара за добивање на субвенција за трактор, а тоа е да имаат минимум два хектари површина засадена со растително производство или половина хектар зеленчук на отворено. Проблемот е во тоа што земјоделците ги работаат овие површини, но не гласат на нивно име поради разни имотни правни односи. На пример или голем дел од нивите им се земени под наем, или пак нивите уште на времето родителот не ги препишал и по неговата смрт тие автоматски припаѓаат подеднакво на сите негови деца, а оваа земјоделска површина ја работат еден или двајца кои останале да живеат во селата или државата.

Инаку преку Националната програма за рурален развој за прв пат оваа година се предвидени нови субвенции во вредност од 230 000 000 денари за маркетинг и преработувачка индустрија.

Зоран Димовски