Законот за финансиска поддршка на инвестициите ги опфати и ИТ секторот и земјоделците

(Oвој напис е објавен на: July 12, 2019)

Со новите измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите 4.000 компании ќе можат да добијат државна помош. Отсега опфатени ќе бидат и ИТ компаниите, земјоделските преработувачки фирми кои не добиваат помош од ИПАРД, градежни компании кои сакаат да го модернизираат производството и трговци кои ќе сакаат да отворат производни капацитети.

-Законот за финансиска поддршка е закон што треба забрзано да го помогне македонското стопанство да стане поконкурентно, да стане попродуктивно и да ги достигне стандардите и нормите за да може да се бори на светскиот пазар со сите останати економии во светот, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Компаниите кои во моментот користат државна помош, до 1. август ќе можат да потпишат анекс. А оние кои сега ќе аплицираат, тоа можат да го сторат до 15 октомври.

Новите измени, според надлежните, ќе го подобрат стандардот на граѓаните.

-Со новите инвестиции компаниите не само што ќе придонесат во економскиот раст на земјата, ќе создадат и нови работни места, а истовремено ќе го зголемат и животниот квалитет и стандард на сите граѓани. Во овие мерки е предвидена и помош за сите тие кои што ќе ги зголемат платите на вработените, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Со новите измени, ќе можат да аплицираат и компании кои во минатата година отпуштиле до 5 отсто од вработените. Анѓушев смета новите критериуми нема да го намалат бројот на работници, бидејќи индустријата не може да го најде потребниот кадар.

Досега државна помош искористија над 300 домашни компании. Склучени се 30 договори, од кои 20 со компании во Индустриските зони и 10 надвор од нив.

 


 

sitel

Share Button