Замрзнувањето на цените на зеленчукот опасно за домашното производство
Групацијата за оранжериско производство и земјоделците реагираат дека владата и овој пат носи непазарна мерка само за да ги придобие граѓаните пред празниците.
Затворање и на последните 3 активни оранжерии и замирање на градинарското производство во земјава ќе предизвика замрзнувањето на цените на раноградинарските култури што го направи владата, бидејќи конкуренцијата е во далеку поповолна состојба, а домашното производство ќе мора да се продава под производната цена поради непазарното однесување на владата. Дополнително, граѓаните ќе добијат пониска цена од неколку денари на зеленчукот само за празниците, а потоа повторно ќе бидат прпуштени на дивеењето на цените, велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство на Стопанската комора, земјоделци и опозицијата.
Според нив, владата продолжува да носи антипазарни мерки само за да покаже дека мисли на граѓаните, наместо да контролира и спречи што се случува на пазарот.
– Владата уште со укинувањето на прелевманите за увоз на градинарски производи и со договорот за бесцарински увоз во земјите од Западен Балкан го уништи домашното производство, а со оваа мерка веќе го докрајчи оранжериското и градинарското производство во земјава кое од година во година се намалува. Нерешени се низа состојби кои придонесоа да има сè помалку работна рака, а трошоците на производство да растат – велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство.
Според нив, од 15 оранжерии годинава се активни само 3, a и тие имаат енормно високи трошоци во производството кое со вака ограничена цена нема да можат да ги покријат, а уште помалку да преживеат.
– Сведоци сме дека во текот на оваа производна година репроматеријалите поскапеа за 50 отсто, енергенсите, вклучувајќи ја и струјата поскапеа 4 пати. Оранжериското производство не може да ги издржи овие влезни трошоци, а губи во конкуренцијата од Албанија, Грција и Турција уште на стартот, бидејќи, поради климатските поволности тамошните оранжерии не користат енергенси за затоплување, а субвенциите се повисоки. Нивниот производ во старт е поевтин, а дополнително со увозните поволности станува многу поконкурентен од домашното производство. Тоа, но и владините мерки, придонесоа во изминатите години да стасаме до учество на пазарот на домашното производство само од 10% каде што доминира увозниот градинарски производ. Градинарското производство секоја година опаѓа поради високите трошоци, климатските промени и од недостиг на работна сила, а субвенциите за раноградинарското производство се ниски. Тоа може да се види во практика каде што висината на годишните субвенции за оранжериите се трошат за загревање само за една ноќ на една оранжерија – велат од Групацијата.
Оттаму додаваат дека владата противуставно и непазарно ги замрзнува цените на градинарските производи и без нивно учество во процесот. .https://plusinfo.mk/