Започна откупот на тутун во Малешевијата

(Oвој напис е објавен на: February 7, 2017)

Започна откупот на тутунот во Пијанец и Малеш. Вратите на откупниот пункт за тутун од овогодинешната реколта први ги отворија „Сокотаб“, па на пунктот во делчевско Вирче на проценка беа донесени првите килограми тутун од тутунопроизводителите од Делчевско и Беровско.

15102012164557_tutun

Според Симо Јованов, претставник на Здружението на тутунопроизводители, тутунот годинава е со одличен квалитет, но количински е доста послаб.

– Цената се движи од 167-168 денари, досега нема незадоволни, очекуваме откупот да се одвива непречено и да нема незадоволни од проценката, рече Јованов.

Илија Димитров, тутунопроизводител од с. Панчарево, Пехчево – е еден од поголемите производители во регионот. Денеска на откупниот пункт донесе 800 кг тутун и според него, тутунот годинава е со добар квалитет.

– Цената за разлика од лани, која едвај достигнуваше 120 денари, годинава е добра, околу 170 денари, рече Димитров.

Tobacco Museum Prilep

Во Делчевско и Беровско годинава ќе се откупат околу 80 тони тутун што претставува едвај 10% од производството на тутун во регионот споредено со производството од пред 20 години. Една од причините за падот на производството, за тутунопроизводителот Илија Димитров, е незаинтересираноста на младите за производство на оваа трудовоинтензивна култура и големиот број млади кои се иселени.

– Нема интерес кај младите. Еве и ние остаревме, нема кој веќе да го работи тутунот, а тој бара работа во текот на целата година, рече Димитров.

На крајниот исток, „Сокотаб“ и „Далија табак“ се главните откупувачи. Од „Далија табак“ информираат дека откупот ќе го започнат наредната недела. Според информации од надлежниот Инспекторат, за првиот откупен ден нема поплаки од проценката, но оттаму информираат дека во рамките на Министерството за земјоделство е формирана Второстепена комисија која ќе работи на поплаките од тутунопроизводителите кои нема да бидат задоволни од проценката. Законскиот рок за откуп на тутунот завршува на 15 март.