Заштита на градинарски култури во летно-есенско производство од болести, штетници и плевели
Подготвил: м-р Вaско Манев
Во текот на летно-есенскиот период во градинарското производство кај нас е актуелно производството на зелка, карфиол, брокула, домати, пиперка, краставица, корнишони, како и спанаќ и рукола на отворено и во затворен простор. Како најзначаен проблем во производството на овие култури претставуваат причинителите на болести, штетните инсекти и плевели. За сузбивање на широколисни плевели во зелка, брокула, карфиол, кромид, лук, праз и цвекло, после никнење на плевелите и културата, односно после расадување на културата го препорачуваме хербицидот LONTREL 100 (clopyralid 100 g/L). Тоа е селективен хербицид, кој се апсорбира преку листовите, а е ефикасен за сузбивање на голем број на едногодишни и повеќегодишни широколисни плевели и тоа: паламида, слачец, амброзиа, лобода, полски вртипоп, камилица, смрдливка, овчарска торбичка, татула, див домат, чичка, самоникнат сончоглед, галинсога, крстенец, полски млечен осот, чичак, киселец, граор и други. Во зелка, карфиол и брокула се применува после расадување од фенофаза 2 до 9 оформени листа, во спанаќ и рукола после 2 формирани листа, во маслодајна репа стадиум од 2 до 9 листа, во кромид, лук и праз во фенофаза од 2 до 4 листа, цвекло во фаза на 2 формирани листа до 30% покриена површина со листови во доза од 1 L/ha. Исто така се применува и во стрнишни жита и пченка. За сузбивање на широколисни плевели во зелка го препорачуваме и хeрбицидот LENTAGRAN (pyridat 450 g/kg). Тоа е контактен хербицид кој се применува 2 до 3 недели после расадување на зелката, во доза од 2 kg/ha. Најдобро е да се примени во сплит апликација (двократно), и тоа кога плевелите се во фаза на 1 до 2 листа во доза 1 kg/ha, и втора апликација после 10-14 дена од првата во доза од 1 kg/ha. LENTAGRAN се применува и во кромид, лук и праз после расадување, односно после никнење кога овие култури се произведуваат со директна сеидба, притоа плевелите најдобро е да се во стадиум од 2 до 4 листа. Исто така може да се примени и двократно, притоа плевелите треба да се во порана фаза од развојот, од котиледони до 2 вистински листа. Ефикасен е за сузбивање на обичен штир, лобода, див домат, абутилон, лепавец, полски вртипоп, троделен двозабец, мртва коприва, полско камено семе, овчарска торбичка, обична чадливка, татула, а на есен во фаза на 3 вистински листови ги контролира и влакнесто просо, крваво прстесто просо и мувари.
За сузбивање на причинителот на пламеница кај зелка, брокула, карфиол, домат, пиперка, краставица, корнишон како и за сузбивање на причинителот на пламеница на рукола (Hyaloperonospora spp.) го препорачуваме фунгцидот VALIS PLUS (valifenalate 60 g/kg + bakar hidroxid 150 g/kg + bakar oksihlorid 150 g/kg) во доза од 2,5 kg/ha. За сузбивање на причинителот на црна дамкавост, сиво и бело гниење, и пепелница го препорачуваме фунгицидот SIGNUM 33 WG (pyraclostrbin 67 g/kg + boscalid 267 g/kg) во доза од 1 до 1,5 kg/ha.
Од штетните инсекти во производството на зелка, брокула, карфиол, домат и пиперка од најголемо значење се инсектите од редот на пеперутки, а тоа се големиот и малиот зелкар, зелковиот молец, зелкова совица, памукова совица, лисен минер на доматот (Tuta absoluta). За сузбивање на овие штетници во зелката, карфиолот, брокулата, доматот и пиперката, препорачуваме примена на еден од инсектицидите: SPINTOR 240 SC (spinosad 240 g/L) во доза од 0,5 L/ha, CORAGEN 20 SC (chloranthraniliprole 200 g/L) во доза од 0,2 L/ha или ALVERDE 240 SC (metaflumizon 240 g/L) во доза од 1 L/ha. За сузбивање на лисните вошки и белокрилката, препорачуваме примена на еден од инсектицидите: CLOSER 120 SC (sulfoxaflor 120 g/L) во доза 0,4 L/ha, TEPPEKI (flonicamid 500 g/kg) во доза од 140 g/ha, MOVENTO 100 SC (spirotetramat 100 g/L) во доза од 1 L/ha, LIMOCIDE (масло од портокал 60 g/L) во доза од 4 до 8 L/ha, PYRETHRUM 5 EC (pyrethrin 50 g/L) 0,65 L/ha. Сите наведени инсектициди имаат кратка каренца (која е од 1 до 3 дена), додека инсектицидите SPINTOR 240 SC, LIMOCIDE и PYRETHRUM 5 EC се дозволени за примена и во органско производство.
Подготвил: м-р Вaско Манев