Зелката ќе се скисели на нивите, извозот секна, пазарот презаситен
Земјоделци признаваат дека претераа со садење на зелка. Таа бара помали трошоци и е полесна за одгледување. Големи количини што останаа на новите се газат со трактори, а се нудат и бесплатно
Разочарани земјоделци со трактори газат преку огромни ниви со зелки, некои земјоделци јавно го објавуваат и својот телефон поканувајќи ги заинтересираните семејства да дојдат и да си наберат зелка колку што сакаат, а има и такви што нудат да испратат вреќа од 15 килограми за 350 денари, каде и да е низ Македонија со бесплатна испорака, пренесува Слободен печат.
Социјалните мрежи вријат од незадоволните земјоделци. Трговците сега ја откупуваат зелката по 6 денари за килограм, а на зелените пазари во Скопје се продава од 20 до 25 денари за еден килограм. Земјоделците алармираат дека за десетина дена зелката ќе скапе на нивите. Младен Атанасов од Струмичко, кој нуди бесплатна зелка преку Фејсбук, во изјава за „Слободен печат“ вели дека е подобро да ја дели на народот, туку да ја остави да се расипе на нивите. Дел од зелката тој продал, но сè уште му останала голема количина.